Два проценти од бруто – домашниот производ ќе се одвојат за одбраната во 2024 година, од кои околу една третина ќе се насочат за модернизација и опремување, истакна министерката за одбрана, Славјанка Петровска.
Како што најави Петровска, буџетот за 2024 година ќе биде поголем од годинашниот за околу 50 милиони евра, а од вкупната сума која треба да изнесува околу 327 милиони евра, речиси 100 милиони се одвоени за модернизација што претставува зголемување за 10 милиони евра во споредба со 2023 година.
Таа нагласи дека значаен дел од буџетот ќе биде наменет и за реконструкција на објекти, како и за набавка на униформи, обувки, санитетски материјали, одржување на воена опрема, муниција и материјални средства за обуки и вежби.
-Одбранбениот буџет за 2024 година е во висина од историски 2,05 отсто од бруто – домашниот производ, од кои повторно една третина ќе бидат наменети за процесот на модернизација и опремување. Тоа ќе овозможи набавките на оклопните возила „JLTV“ и „Stryker“, системите за противвоздушна одбрана „Mistral 3“ и артилериските орудија „Boran“ да продолжат да пристигнуваат согласно договореното, истакна Петровска.
Потенцираше дека се очекува првите „Stryker“ возила да пристигнат до крајот на 2024 година, додека истовремено два хеликоптери кои се во фаза на ремонт треба да се вратат во државава во првата половина на следната година.
– Сакам да потенцирам дека на 15 декември со Република Чешка ја потпишавме и рамковната спогодба со која првпат системски се решаваат предизвиците со навремена набавка на резервни делови, поправка на делови и снабдување со потрошен материјал за потребите на воените воздухоплови, рече Петровска и нагласи дека воздухопловите ќе бидат функционални и оперативни се додека не бидат ставени во употреба новите осум повеќенаменски хеликоптери за кои процесот на набавка е при крај.
Министерката појасни дека со измените на Законот за служба во Армијата и бројните поволности за припадниците во зголемувањето на нивниот стандард, исплатата на надоместокот за станарина, отпремнината за професионалните војници со 45 години старост и подобрените услови за пензионирање, Армијата го зазеде местото во општеството на кое припаѓа.
– Наредната година тоа ќе го направиме и со новиот закон за вработените во Министерството за одбрана кој се наоѓа во собраниска процедура. Ако пратениците од која било партија навистина сакаат да го валоризираат трудот на вработените во одбраната кои се одговорни вклучително и за нивната безбедност како граѓани на оваа земја ќе го поддржат ова законско решение без никакви калкулации и уцени, нагласи таа.