Министерката за одбрана Славјанка Петровска во интервју за 24инфо.мк се осврна на актуелната безбедносна ситуација, поддршката кон Украина, но и за политичката состојба во државата и подготовките за претстојните двојни избори што треба да се одржат следната, 2024 година.
На прашање дали има следни активности кои би значеле продолжување на помошта кон Украина, таа рече дека „Република Северна Македонија е непоколоблива во однос на поддршката и помошта што и ја пружаме на Украина. Неодамна заврши обуката, која за првпат откако започна руската агресија, имавме можност да спроведеме таква обука на припадници на укаринската армија овде, во Република Северна Македонија. Таа заврши успешно и беше димензионирана согласно побарувањата што беа доставени од украинска страна. Се разбира, и во наредниот период вратат на Република Северна Македонија ќе остане отворена за поддршка на Украина, се додека е тоа потребно, без разлика дали ќе биде во повторни тренинзи и обука на украински сили или со дополнителна воена поддршка и помош која ја имаме“.
Од домашна сцена, за нападите од пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, кого го тужи за клевета, Петровска вели „разочарува фактот што би кој припадник на Армијата, особено кога имате висок официцерски чин и одлучувате да ја напуштите Армијата и да се посветите на полиитчко дејствување или на активности во една политичка партија, но се разбира ова е демократска држава и секој може да носи сопствени одлуки. Но исто така разочарува фактот што нападите, не оние толку оние кон мене, туку повеќе оние кои беа насочени кон Армијата се неосновани и можам слободно да речам дека се лага“.
За процесот на носење уставни измени и шансите до крајот на годината тие да бидат донесени, министерката децидна:
„Уставните измени се единствениот начин како да го продолжиме патот кон европската интеграција на нашата држава. И како што многумина претставници на ЕУ и амабсадори на земји членки на ЕУ кажаа, не постои друг начин. Мислам дека останува на домашните актери на политичката сцена во нашата држава, да ја донесат финалната одлука. Ако ВМРО-ДПМНЕ се плаши од уставните измени, тоа треба јавно да го каже. Јас не се плашам, затоа што со донесувањето на уставните измени или овој амандман кој е предложен, се гарантира и се зацврстува македонскиот идентитет. Затоа што со тој амандман ние велиме дека ги признаваме Бугарите како малцинство во Република Северна Македонија, а македонскиот народ, се разбира со другите, е државотворен народ. И тука се прави јасна разлика, меѓу она што долги години се зборуваше како фама или беше една од теориите за нас и нашата држава. Се зацврстуваат и позициите на македонскиот јазик, кој се повеќе држави го уважуваат како посебен македонски јазик. Така што, сите оние теории на заговор што ВМРО-ДПМНЕ сака да ги презентира, бегајќи од одговорноста да донесе одлука, паѓаат во вода. На крајот, јас би рекла, ако гласаат за уставните измени, тогаш, им го прифаќаме барањето, нека нема техничка влада и да одиме на избори со редовна влада“.