Петровска: Вистински патриотизам е решавањето на тешки прашања со важен политички чекор кон иднината наместо кон минатото

by Fokus

Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска во Скопје се обрати на панел-дискусијата на тема „Промовирање на демократијата, единство и мирот преку културна дипломатија во новата ера на конфликти и насилство“, како дел од Форумот за културна дипломатија. Таа се осврна на моменталната безбедносна состојба во Европа која е нарушена со бруталната руска агресија врз Украина и позицијата и искуството на Северна Македонија во градењето на функционална, стабилна и мултиетничка демократија која практицира европски вредности.

„Предизвиците кои се пред нас, дали тоа е вооружен конфликт, хуманитарни кризи или природни непогоди се комплексни и застрашувачки, а одговорот на овие предизвици е реафирмирањето на нашата заложба да бидеме единствени и да работиме заедно“, рече министерката.

Петровска додаде дека како земја-членка на НАТО, но и водејќи се од сопствените одлуки и заложби, Северна Македонија е посветена на колективната безбедност на Алијансата, како и на поддршката на Украина како европска демократија која има полно право да ја одбрани својата независност и сувереност.

„Алијансата е посилна и пообединета од кога било досега во зацврстувањето на колективната безбедност, како гаранција за сигурноста на НАТО и граѓаните на земјите-членки“, подвлече министерката.

Петровска се осврна на историјата и научените лекции во 32-годишната независност на нашата држава – осамостојувањето на мирен начин, потпишувањето на Охридскиот и Преспанскиот договор за креирање на мултиетничка демократија и за продолжување на патот кон интеграцијата во НАТО, како и на потребата за превземање на следниот чекор кој ќе го отвори патот кон продолжување на интеграцијата во Европската Унија.

„Сите ние кои сме присутни, во нашето работно искуство и кариера научивме дека решавањето на тешките прашања побаруваат тешки одлуки кои се важен политички чекор кој гледа кон иднината наместо кон минатото, чекор кој нè води кон подобро утре за следните генерации. Тоа за мене е вистински патриотизам“, заклучи министерката.

Поврзани новости