Најголемата придобивка од членството на Северна Македонија во НАТО е сигурноста и безбедноста што нашите граѓани денеска ја чувствуваат, знаејќи дека се дел од едно големо семејство кое се грижи за заедничката, колективната безбедност, истакна министерката за одбрана Славјанка Петровска во Охрид на предавањето на Школата за политики, која е дел од Претседателскиот центар за политичко образование.
На предавањето на тема „Актуелните безбедносни предизвици и перспективи од членството во НАТО во време на војна во Украина“, таа се осврна на придобивките за Северна Македонија од членството во НАТО, како и хибридните и сајбер заканите, вклучувајќи ги и дезинформациите како безбедносна закана.
– Секоја педа од нашата земја е под заштита на колективната одбрана и тоа носи сигурна и просперитетна иднина, рече министерката и потенцираше дека тоа е резултат на храбри и тешки, но исправни одлуки. Оваа година ја покажа суровата реалност дека војната на европско тло не е минато и дека мирот не е загарантиран. Затоа, развојот на одбранбените капацитети е неопходност, а градењето на отпорност мора да биде наш приоритет во континуитет, нагласи Петровска.