Министерката за одбрана Славјанка Петровска вели дека не гледа задна намера во сите пораки кои ги слушнавме изминатите денови од амбасадорката Анџела Агелер и од претставниците на САД, туку напротив, како што посочува, смета дека тие само одат во поддршка на сето она што ние како држава и како општество се обидуваме да го направиме.
Прашана за тоа како најавата на амбасадорката Анџела Агелер за нови имиња на „црната листа“ влијаат на нашите евроинтеграциите, Петровска пред почетокот на денешната регионалната конференција „Мир и просперитет на Западниот Балкан“, нагласува дека не само во делот на одбраната САД се наш стратешки партнер од осамостојувањето на оваа држава.
„Сите ние сме сведоци низ какви премрежија поминавме и во блиската и во подалечното минато, какви се’ одлуки моравме да донесеме коишто можеби на моменти беа тешки, беа политички предизвикувачки меѓутоа сепак беа донесени за да можеме да ги оствариме нашите стратешки цели.
Во сите оние пораки кои ги слушавме и вчера, меѓутоа и во изминатите денови и од амбасадорката и од претставниците на САД јас не гледам задна намера. Напротив, сметам дека тие само одат во поддршка на сето она што ние како држава и како општество се обидуваме да го направиме, вели Петровска, одговарајќи на новинарско прашање.
Како министерка за одбрана и пред се како граѓанин на оваа држава, таа нагласува, дека корупцијата претставува безбедносно прашање.
– Ако немате контрола на тој сегмент од општеството, не можете никогаш да бидете сигурни каде тие пари ќе завршат, кого се ќе финансираат и на каков момент, сега не зборуваме за големи дестабилизации, меѓутоа во даден момент можат да ја дестабилизираат државата на каков било начин. И ова не зборувам само за Северна Македонија, туку каде било, вели Петровска.
Борбата против корупцијата, подвлекува Петровска, не треба да биде декларативна и очекува и сега, меѓутоа и во иднина институциите во нашата држава поагилно да реагираат.