До овој момент не е пристигнато конкретно барање за згрижување и лекување на украински војници во земјава. Ќе внимаваме излегувањето во пресрет, одговарањето, поддршката и помошта што ќе ја понудиме да не влијае на редовните процеси во јавното здравство.
Ова денеска го рече Славјанка Петровска, министерката за одбрана од Штип, по повод 75 години НАТО и четири години од нашето членство во Алијансата, одговарајќи на новинарско прашање дали македонската армија е подготвена да го прифати лекувањето на украинските војници.
-Како Министерство за одбрана сме апсолутно подготвени да излеземе во пресрет за лекување на украинските војници, но треба да се има в предвид дека лекувањето е во надлежност на Министерството за здравство. Имавме еден првичен разгoвор со министерот за здравство, а сега одиме понатаму на интензивирање на преговорите, да ги одредиме точните капацитети и се разбира точниот начин, ако евентуално се појави потреба за тоа – рече Петровска.
Инаку, можноста за формирање центар за рехабилитација за ранетите украински војници и украинските деца со помош на балканските држави беше тема на разговор меѓу претседателот Стево Пендаровски и украинскиот претседател Володимир Зеленски на заедничката средба во Тирана кон крајот на минатиот месев во рамките на самитот Украина – Југоисточна Европа.
Зеленски објави видео на социјалната прежа Икс од средбата со Пендаровски, во кое беа претставени кратки делови од нивниот разговор, а во кои се слуша дека двајцата претседатели разговараат за можноста за формирање центар за рехабилитација за ранетите украински војници и украинските деца со помош на балканските држави.
На почетокот на месецот, од кабинетот на претседателот Пендаровски рекоа дека оваа идеја начелно е прифатлива за нас како држава, но, како што посочија оттаму, потребно е конкретна разработка на деталите што ќе биде во надлежност на владите од земјите кои ќе земат учество во програмата.