Петровска: Казните за „Рекет“ се високи, повеќе од половина од досегашниот просек

by Frosina Fakova

Затворските казни на кои беа денеска осудени поранешната специјална јавна обвинителка, Катица Јанева и првообвинетиот во случајот „Рекет“, Бојан Јовановски се релативно високи, односно за повеќе од половина од досегашниот просек кој се изрекувал за овие кривични дела, анализира за „Фокус“ извршната директорка на „Коалицијата сите за правично судење“, Натали Петровска.

Ако се анализира статистички казнената политика за овие дела, “Злоупотреба на службената положба и овластувања“ и “Перење пари и други приноси од казниво дело”, за кои им се судеше на Јанева и Јовановски, денешните казни, според Петровска, се за повеќе од половина над она што е досегашниот просек во изрекување на казни.

-Доколку пак ако се анализира статистички казнената политика, за 2017 и 2018г. може да се увиди дека за ова дело-“Злоупотреба на службената положба и овластувања”, досудената просечна казна за обвинетите осудени за ова кривичено дело е околу 2.7 години, додека пак за делото – “Перење пари и други приноси од казниво дело”, просекот на осудени лица за истото е на 2.2 години, вели Петровска.

Но сепак, порачува дека висината на казната за секое индивидуално кривично дело ја определува судијата односно советот во постапката и се  базира на целокупните околности кои се однесуваат на сторителите- олеснителни или отежнувачки.

Петровска вели дека било кој високо профилиран судски предмет кој би бил завршен во моментов на некој начин ќе остави впечаток дека влијае на општото мислење, особено во ек на предизборието, но порачува дека овој еден единствен предмет не може да ја смени перцепцијата на граѓаните во судството кои имаат многу малку доверба.

Факт е дека еден единствен предмет, колку и да се ригорозни изречените санкции во истиот, нема да може така лесно да ги промени перцепциите на граѓаните во поглед на довербата кон судскиот систем и правосудството генерално. Особено имајќи го предвид долгогодишното незадоволство и недоверба на граѓаните спрема истото, а на ова само се надоврзува и фактот дека токму пред некој ден излезе податок со досега најниска стапка на доверба на граѓаните во правосудството односно 13% во ОЈО и 12% доверба во судството. Врз основа на ова, не сметам дека конкретно одлуката за овој предмет би влијаела во значителна мера на претстојниот изборен резултат. Напротив, да беа финализирани барем 30-тина проценти од иницираните високо профилирани предмети, можеби граѓаните ќе имаа поинаква слика, вели Петровска.

Иако денешната пресуда за Јанева кај дел од јавноста беше дочекана со коментари дека оние кои ги гонеше таа, се на слобода, а таа е во затвор, Петровска вели дека пресудата за Јанева сепак не е правосилна и дека допрва се очекува жалбената постапка и одлуката на повисоките судови, додека пак предметите на СЈО се уште не се завршени.

Предметите иницирани од СЈО, а во кои голем дел од обвинетите лица се на слобода, да не заборавиме сé уште не се завршени, а дополнително, условно кажано “топката” е префрлена на Обвинителството за организиран криминал и корупција, како и на останатите надлежни обвинителства, кои треба понатаму да постапуваат и да ги завршат истите. Сите овие предмети врз основа на приоритетот кои го имаат согласно моменталната здравствена криза, се работат или не, во зависност од нивниот приоритетен статус (дали станува збор за притворски предмети или не), вели Петровска.

За случајот „Империја“ во кој е осомничен бизнисменот Орце Камчев кој беше главен сведок во „Рекет“, Петровска вели дека за него ќе биде пресудна динамиката на работа.

Овој предмет, со губење на статусот и надлежноста за постапување на Специјалната јавна обвинителка во септември 2019г., е пренесен во надлежност на ОЈОГОКК и тој практично е идентично време во фаза на истрага и во едното(СЈО) и во другото обвинителство(ОЈОГОКК). Што значи, динамиката на работа на обвинителството кое постапува понатаму би била пресудна за неговото навремено завршување, додава таа.

Поранешната специјална јавна обвинителка, Катица Јанева денеска беше осудена на затворска казна од седум години, додека првообвинетиот во случајот „Рекет“, Бојан Јовановски на казна затвор од девет години. „Рекет“ е еден од најголемите судски случаи во историјата македонското правосудство и прв случај во кој е осудена поранешна обвинителка.

Фросина Факова-Серафиновиќ

Поврзани новости