Пратеничката и екс-министерка за одбрана, Славјанка Петровска ја коментира изјавата на премиерот Христијан Мицкоски околу неговото и патувањето на целата владина делегација во САД на Самитот на НАТО.
-Ова со колената наследнo да не им е во ДПМНЕ, па сите министри морале со бизнис да летаат. Туку како се качува по планини со болни колена, праша Петровска преку објава на социјалните мрежи.
Нејзината реакција следува откако вчера премиерот во емисијата „Топ тема“ информира дека поради здравствени проблеми морал да патува со бизнис-класа од Виена до Вашингтон и од Њујорк до Виена.
-Кога патував од Виена до Вашинготн и од Њујорк до Виена патував со бизнис-класа бидејќи имам проблем со колената и потоа не можам еден ден да бидам функционален бидејќи сум повисок и затоа одбрав така. Но, од Скопје до Виена и од Виена до Скопје бев во економска класа накај излезот за итни случаи. Обично седам на излезот за итни случаи поради тоа што има повеќе простор за нозете, некаде помеѓу 11-иот и 12-иот ред. Кога летав за Лондон седев помеѓу 11-иот и 12-иот ред од седиштата на компанијата ‘Аустријан ерлајнс’. И во минатото сум правел така и во иднина така ќе биде, изјави Мицкоски.
Од СДСМ веќе неколку дена обвинуваат дека речиси 20.000 евра чинеле картите за бизнис класа.