На заедничката вежба на специјалните сили на македонската Армија, Вооружените сили на САД и армијата на Албанија, која се оддржува во касарната „Илинден“ присуствувааа министерката за одбрана Савјанка Петровска и амбасадорката на САД во земјата Анџела Агелер. Припадниците на трите армии на оваа вежба, како што велат од Министерството за одбрана, ги развиваат своите сопсобности и вештини.
Министерката Петровска пред специјалците порача дека и ова заедничко извежбување ја покажува блиската соработка помеѓу сојузниците во НАТО, соопшти Министерството за одбрана.
-Драго ми е што сите заедно вежбате, ги подобрувате вашите способности и на овој начин ги развивате способностите со кои сте секогаш подготвени да реагирате доколку е потребно. Продолжете да работите заедно затоа што на тој начин сме многу посилни и тоа е нешто на кое ние сите се потпираме, рече Петровска.
Амбасадорката Агелер се заблагодари за посветеноста на сите учесници на вежбата и порача дека имајќи ги предвид опасностите со кои се соочува светот, индивидуалната и колективната подготвеност е поважна од кога било порано. Додаде дека е горда на заедничката соработка и се заблагодари на АРМ, која е и домаќин на вежбата.
Заедничката вежба се реализира во касарната „Илинден“ од здружени состави од специјалните сили од Северна Македонија, САД и Албанија, согласно претходно утврдено сценарио.
Заедничкото извежбување ги зголемува оперативната способност и подготвеноста на специјалните сили. Вежбата започна на 21 август годинава, а ќе заврши на први септември. Со учеството и обуката на здружените формации се постигнува напредок на одбранбените способности.