Јас не водам истрага и постапки не можам да преземам на своја рака, речеа министерката за одбрана Славјанка Петровска во Собранието, во одговор на прашање на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки, за наводно сексуално вознемирување на подредени офицерки во АРМ.
Таа нагласи дека за конкретниот случај за кој обвини Ковачки, сите информации ги пријавила во службата за прибирање на такви информации.
„Тоа што вие како поранешен шеф на воено разузнавање имате обичај да чепкате, да подметнувате и да интервенирате во истраги, кои се задача на јавното обвинителство, јас таа пракса не ја практикувам“ му рече Петровска на Ковачки и појасни дека не смее министер за одбрана да влијае на истрагата.
„Не смее ниту овој ниту кој било друг министер за одбрана да влијае на истрагата. Ниту водам истрага, ниту имам законско право да преземам дел од истрагата која ја води Јавното обвинителство, рече Петровска.
Министерката потенцираше дека никогаш нема со политичко влијание да се обидува да се замеша во истрагите и додека не види докази или не биде известена од надлежните органи, нема да може да презема ништо на своја рака.
Според пратеникот Ковачки, во АРМ има сериозни случи на злоупотреби на службената позиција и сексуално малтретирање на подредени офицерки и војници од страна на високи офицери, вклучително и од страна на генерали и од началници во воената безбедност.