Ја повлекувам мојата кандидатура за претседател на СДСМ, информира денеска актуелната пратеничка и ексминистерка за одбрана Славјанка Петровска, која беше една од четирите кандидати за избор на нов лидер во СДСМ, преку официјално писмо кое го испратила до Централната изборна комисија за претседателските избори (ЦИК) во партијата.
Ваквата одлука, Петровска вели дека ја донела сакајќи да го заштити СДСМ од нелегитимен избор на претседател и да избегне да биде соучесник во погазување на статутот.
-Со оглед на тоа дека овој процес за мене е неприфатлив барам моето име да не стои на избирачкото ливче, со цел гласачите да не бидат доведени во заблуда – рече таа.
Во писмото посочува дека и покрај тоа што на состанок со претставници на ЦИК укажала на бројни неправилности, не добила никаков одговор кој, како што вели, би ги побил нејзините тврдења.
-Според статутот на СДСМ сите кандидати треба да имаат подеднакви можности за претставување и лобирање, па затоа вчера на состанок одржан во просториите на партијата со претставниците на ЦИК информирав за сериозни забелешки во поглед на точноста и легитимноста на Избирачкиот список, злоупотребата на личните податоци на илјадници членови на СДСМ, кое продолжи и денеска. За жал не добив одговор кој ги побива овие тврдења. Сите овие основани и потврдени сомнежи го нарушуваат легитимитетот на овие избори и резултати – истакна Петровска.
Во трката за лидер на СДСМ остануват ексминистерот за здравство и актуелен пратеник Венко Филипче, директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони Јован Деспотовски и актуелниот заменик-министер за информатичко општество и администрација Александар Бајдевски.