Петровска: Буџетот за одбраната расте, има доволно средства за справување со економската криза

by Fokus

Министерката за одбрана  Славјанка Петровска во емисијата „Вин Вин” на телевизија Телма истакна дека буџетот за одбраната за 2023 година изнесува 276 милиони евра.

Она што за нас е значајно е да ги исполниме сите оние преземени обврски во смисла на екипирање, модернизација и опремување на нашите целени способности, кои се преземени пред нашето пристапување во Алијансата. Не инсистиравме на зголемување на процентот на средства бидејќи имаме разбирање за потребите да се финансираат и многу повеќе средства да се определат за поддршка на компаниите, на ранливите категории на граѓани, затоа што претстои сериозен предизвик да се справиме со енергетската и економската криза, истакна Петровска.

Во врска со обвинувањата на опозицијата, Петровска посочи дека вложувањата во одбраната дали конвенционална одбрана или во други современи облици на одбрана е резултат на континуитет.

За да имате легитмитет да коментирате треба да видите што вашата политичка партија направила. Моќта на една армија се рефлектира во тоа колку вложувате во неа. Ние транспарентно кажавме низ годините од 2010 па навака како се движел буџетот и од 2018 година како тој континуирано расте. Ако не сакате да бидете лицемерен политичар, кој вели дека наша стратешка определба се НАТО и ЕУ итн, треба да вложувате. Како сте ја подготвувале армијата за влез во НАТО, а буџетот паѓал, рече Петровска.

Министерката Петровска рече дека во системот на функционирање на државата, ако било која институција или некоја од трите власти, затаи, тогаш настанува нарушување на целиот систем.

Најлесно е да се впери прстот во извршната власт, но доколку сакаме ефикасен систем и борба против корупција треба да се детектираат сите слаби точки. Процесот на борба против корупција започнува со истрага, па следува обвинение, па пресуда. Ако се стигне до крајот и добиете ослободување или помилување за сторени сериозни кривични дела, паѓа довербата во целиот систем, истакна членката на ЦО на СДСМ Славјанка Петровска во емисијата „Вин вин” на Телма.

Поврзани новости