На последниот Самит во Мадрид, НАТО порача дека секој сантиметар од својата територија е важен и дека ги зајакнуваме нашите капацитети за да одвратиме и да се одбраниме, рече министерката за одбрана Славјанка Петровска на форумот „2BS – To Be Secure“ во Будва, Црна Гора.
Како што информира Министерството за одбрана, во фокусот на дискусиите беше улогата на НАТО во современите безбедносни случувања, и целта да се спротивстави на предизвиците и да докаже дека е способно да одбие, одврати и брани.
На панелот, на кој учествуваа и министрите за одбрана на Црна Гора, Рашко Коњевиќ, и на Босна и Херцеговина, Сифет Поџиќ, Петровска говореше за начините како може да се дојде до решение за сите отворени прашања на Балканот.
– Кога на 24 февруари оваа година започна инвазијата, луѓето во мојата земја прашуваа дали сме безбедни, на што одговорив – да, безбедни сме затоа што сме земја членка на НАТО. Добро познатиот Преспански договор го разреши спорот кој траеше повеќе од 20 години, помеѓу Грција и Северна Македонија. Потпишувањето на Преспанскиот договор се покажа дека е најголемиот влог во безбедноста на нашата земја. Мојата порака е дека во одредено време политичките лидери мора да донесат сериозни политички одлуки што ќе значат инвестиција во иднината на земјите – рече Петровска.