Северна Македонија засега нема донесено нова одлука да испрати воена помош за Украина, иако неодамна во рамки на Министерскиот состанок на министри за одбрана што се одржал минатата недела во Брисел до земјите била доставена листа на потребна опрема. Министерката за одбрана Славјанка Петровска вели дека во консултации со ГШ на Армијата ако има можност да се излезе во пресрет на дел од потребите тоа ќе биде направено, а јавноста ќе биде информирана.
–Минатата недела се одржа Министерски состанок на министри за одбрана во Брисел. Меѓудугото, имаше и сесија посветена на Украина, како центар на случувањата во овој подолг временски период. Беше поделена поголема листа на опрема која и е неопходна, а која заради сензитивноста е класифицирана. Во консултација со ГШ на АРМ доколку има простор и можност да се одговори позитивно на дел од тие побарувања, апсолутно ќе биде предложена до Владата повторно таква одлука, а за тоа ќе бидат известени медиумите и јавноста. Сега засега ја согледуваме нивната листа на побарувања, рече министерката во одговор на новинарско прашање.