Жално е што и во оваа трагедија која се случува во Словенија, во македонската јавност се искористи моментот да се изнесуваат лаги и невистини дека ние доцниме со помошта, рече денеска министерката за одбрана Славјанка Петровска
„Македонските војници се подготвени да заминат уште денеска, но министерството ќе ја почека одлуката на денешната седница на Влада со што ќе завршат сите формалности и веќе утре 100 војници ќе бидат ставени на располагање на словенечката армија за расчистување на теренот во Словенија по катастрофалните поплави кои ја зафатија земјата претходните денови во кои загинаа најмалку 6 лица, а стотина останаа без кров над глава“, рече Петровска.
Министерката за одбрана Славјанка Петровска вели дека жали што во македонската јавност веднаш почнало да се шпекулира и да се изнесуваат невистини околу помошта што земјава би требало да ја испрати до Словенија, која беше една од првите земји кои испратија помош кога пред две години беснееја огромни пожари на територијата на Македонија.
„Од првиот момент кога се случи несреќата во Словенија и поплавите, стапивме во контакт и јас со мојот колега, премиерот, претседателот на државата и сите министри и ја понудивме нашата поддршка. Од нивна страна беше одговорено дека штом ја направат анализата што им е потребно ќе бидат доставени барања и тие во текот на вчерашниот ден беа доставени. Веднаш вчера изреагиравме“, рече Петровска.
Петровска рече дека по дополнителните координации со началникот на Генералштабот и со претседателот кој е Врховен командант на Армијата, била донесена одлука да се испратат 100 војници од различен состав кои ќе одговорат на потребите во Словенија. Таа кажа и дека биле побарани и технички средства и материјална поддршка, но во овој момент нашата земја не била во можност да одговори. Петровска рече дека доколку во иднина се испратат барања на кои ќе може да одговориме, Министерството ќе реагира.