Поранешниот генерален секретар на СДСМ, Андреј Петров е еден од новите членови на Извршниот одбор, откако пред неколку дена партијата избираше ново раководство под палката на лидерот Димитар Ковачевски, наследникот на Зоран Заев.
Петров веќе подолг период беше отсутен од политичката сцена, поточно во периодот додека со партијата раководеше Заев.
„Да, подолг период бев надвор од партиските активности, бидејќи не сметам дека луѓето треба да бидат заковани само за пертијата, особено по долг период на одговорни функции. Мислев дека е здраво и другите да понесат дел од товарот. Во време на опозиционо делување, јас седум години бев член на врвното раководство.
Не се штедев, давав од себе онолку колку што можев. Дојде време за промени во раководството и тоа го почитував. Дали некому му текна на мене во овој период е сосема друго прашање, но тоа не е прашање за мене. Јас не замерив. Не сметам дека е добро луѓето да се зависни од политиката“, вели Петров во изјава за „Фокус“.
Во меѓувреме, тој се посвети на лекарската професија, како универзитетски професор, а од неодамна и како претседател на Асоцијацијата на дерматовенеролози на Македонија.
Петров директно не посочува зошто за време на владеењето на Заев не бил во партиското раководство, туку само обичен член, но индиректно ги навестува работите.
„Знаете како, тоа е период каде што не сум бил дел од партиски органи и сум бил обичен член, но никому за тоа не сум забележал, ниту сум се пожалил. Јас сум бил надвор од случувањата, но секогаш оние луѓе или функционери кои од мене побарале помош или мислење го добиле. Никого не сум одбил за разговор и на секој на кој сум му бил потребен сум помогнал, во рамки на моите можности.
Мојот стил е таков. Не се нудам, но доколку ми се побара помош помагам. Така е и сега. Мојот придонес го гледам како дел од една комплексна ситуација, во која не се бараат луѓе за да делат власт, туку за да ја повратат довербата во Владата и партијата кај граѓаните“, вели Петров.
ПОТРЕБНА Е ОБНОВА НА ПАРТИЈАТА ВО СКОПЈЕ
Поранешниот генерален секретар тврди дека со новиот лидер на СДСМ се сретнал веднаш по неговиот избор, по барање на самиот Ковачевски.
„Јас со него се сретнав по неговиот избор, на негово барање. Вистина дека пред тоа имав јавно позитивен став за неговата кандидатура затоа што го сметам за човек без политички багаж, модерен технократ- менаџер, кој мислам дека и е потребен на Македонија. Човекот пристапи отворено и искрено, изрази чесни намери, наполно свесен за тежината на која се нафаќа.
На мене имаше влијание концептот кој го понуди, расчистување со клиентелизмот и криминалот и отворање на вратите за сите, елиминирање на клановското влијание и давање на акцент повеќе на обнова на партијата во Скопје после тешкиот пораз во главниот град. Враќање на дел од влијателните градските луѓе кои се докажале во своите професии, со цел враќање на кредибилитетот во Скопје,“, додава Петров.
На нашето прашање дека Ковачевски ја доби целосната поддршка од поранешниот лидер и премиер, Петров вели дека Заев го искористил своето право да има став кон избор на нов претседател.
„За тоа немам што да му забележам. Ставот му беше исправен визави Димитар Ковачевски. По тоа прашање немаме разлики. Мислам дека Ковачевски е човек со интегритет и ќе размислува со своја глава. Мое очекување е да се бави со економијата, стандардот на граѓаните, социјалната политика, здравство, образование….. Да се фокусира на внатрешната политика.
Тој тоа и го најави. Мислам дека треба да проба за тие прашања да направи максимален консензус во општеството дури и со опозицијата. Смешна е веќе борбата на истребување, многу малку се македонците за толку многу да се мразат меѓу себе, истакна Петров.
Тој беше долги години генерален секретар на партијата, во времето додека со неа раководеше екс лидерот и поранешен претседател на државата, Бранко Црвенковски.
Ирена МУЛАЧКА