Петреус: Можно е над 20.000 руски војници да се убиени во Украина

by fokus

Можно е над 20.000 руски војници да се убиени за време на конфликтот во Украина, изјави пензионираниот американски генерал Дејвид Петреус.

Тоа, според него, е „многу повеќе од загубата во деветте години во Авганистан“.

На 25 март, руската проценка за загубата на свои војници изнесуваше 1.351 лице.

Се наближува стоттиот ден од почетокот на руската инвазија на Украина, а Петреус во разговор за Би-би-си појасни оти не е изненаден што Украина успева да ги одврати руските сили.

– Украина ги надмина сите очекувања, смета Петреус.

Тој ја критикуваше ефективноста на Русија во војната.

– Никој не предвиде целосна неспособност на Русија, на секое ниво, додаде тој.

Меѓутоа, тој помалку е оптимистен во врска со Северодонецк.

– Во еден момент, можеби Украинците ќе мора да се повлечат. Руското заземање на градот, би било значајно во психолошка војна, истакна Петреус.

Пензионираниот американски генерал е скептичен околу руската понуда, да испрати товарни бродови со пченица од украинските пристаништа.

– Беше кажано дека тоа ќе се стори, доколку ги укинеме санкциите. Нема шанси да ги укинеме санкциите. Секоја идеја, Западот да испрати бродови на Црно Море, е мртва по нејзиното создавање, затоа што тоа би значело директен конфликт со Русија, заклучи Петреус.

Поврзани новости