Долгогодишниот театарски и филмски глумец Петре Арсовски е еден од овогодинешните добитници на престижната награда „11 Октомври“.
По тој повод, „Фокус“ направи интервју со Арсовски, кој вели дека во минатото се делеле награди по партиски луѓе, а додаде дека никој не рекол дека наградата ја добил што е член на СДСМ.
„Ме израдува оваа награда, затоа што е признание. Начинот на како се делеле награди не ми се допаѓа. Сум би присутен на фестивали, каде што сум гледал пред мене како се делат наградите. Се лобира, се бара, се пазари и се добива награда. Дел од нив не биле заслужени. Сведоци сме биле во минатото и сега, на доделени награди од други заслуги – завршил некоја партиска работа, нешто што нема врска со нашата професија.“
Проф. д-р Драги Михајловски, Ристо Лазаров, писател и новинар и проф. д-р Александар Ставридис, хирург – уролог се останатите добитници на наградата, а според Арсовски, тој има место пред нив за ова признание.
„Откако се разбра дека сум лауреат, се јавија доста луѓе, но мене ми значи дека некои луѓе кажаа дека најпосле дојде наградата во вистински раце. Ако се споредам со некои од добитниците, сметам дека сум ја заслужил таа награда и имам место пред нив. Јас тврдам дека имам докази дека некои улоги на филм, во театар па и моите некакви активности, би биле различни ако не беа пречките од управата во МНТ како и во Министерството за култура, поради тоа што сум припадник на СДСМ. Никој досега не рекол дека наградата сум ја добил дека сум член на СДСМ“.
Во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, Арсовски беше обвинет дека е кодош на глумецот Ристо Шишков и дека соработувал со тајните служби против Шишков. Според 73-годишниот Арсовски, лустрацијата е фарса и оружје за оцрнување на неговиот лик и дело.
„Јас неколкупати објавив решение потпишано од Томе Аџиев, нивниот фронтмен за прогонување на неистомисленици. Мислам дека лустрацијата е фарса и служеше на тогашната власт да ги исплука луѓето што не се од нивната страна. Стојан Андов тврди дека никој од членовите на ВМРО-ДПМНЕ не можел да дојде на таква позиција ако не соработувал со тајните служби. Јас имам доказ дека не сум соработувал со тајните служби, а имам и документ. Има две пресуди во моја полза, против Миленко Неделковски и Оливер Шамбевски. Тоа беше смислен напад од ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи јас бев носител на листа на Град Скопје од СДСМ на локалните избори во 2009 година. Миленко залепи моја слика како државен предавник, но го тужев и го добив спорот. Миленко не можат да го најдат, да ја наплатат казната, бидејќи не постои никаква сметка. Каква држава сме ние. Миленко Неделковски има своја сопствена емисија, и за тоа некој го плаќа. Како го плаќа? Во свински полутки? Оваа држава мижи поради затајување на данок, Миленко не плаќа тоа.“
Како што ни раскажа Арсовски, времето на владеење на ВМРО-ДПМНЕ го поминал во прогонство, постојани притисоци и инсинуации од тогашната владејачка гарнитура.
„Јас си ги протерав овие 11 години во прогонство, но како велеше нашиот екс-премиер „Вистината е како шило“. Таа вистина излегуваше на виделина, јас си работев постојано. ВМРО-ДПМНЕ знаат кои притисоци се за кого. Ако ми пратат некој тепач или нинџа, тоа ќе биде слабо. Ќе ме претепаат, ќе одам во болница. Тие знаат дека најголема казна за мене е да не ми дадат да работам. Уште од 2006-година почнаа притисоците, кога јас бев претседател на општинска организација „Центар“ на СДСМ. Мојот тогашен директор Сашо Миленковски ми ги симна сите претстави во кои играв. Јас сум единствен во историјата на МНТ, којшто заминал во пензија кога го исполнил условот да наполни 64-години. Многу режисери коишто сакале да ме ангажираат во проекти, не го сториле тоа затоа што бев припадник на тогашната опозиција. И ден денес ми се случува да ме наречат кодош. Често се случува, вмровци од прозор на автомобил да ми викнат „кодош“ и да дадат гас. Нека застане, ако имам толку години и нека ме нарече „кодош“ па да видиме“.
На 30-ти септември се одржа референдумот за Договорот со Грција и спорот со името, а 609 илјади граѓани гласаа за промена на името со цел влез во ЕУ и НАТО. Арсовски е разочаран што некои луѓе не го виделе важнот момент на овој референдум.
„Едно е јасно – ни од далеку немаме толкав број на гласачи. Но, нема повеќе авионски карти, никој повеќе не ги носи од Пустец да гласаат. Ми е драго што сегашната власт не се обиде да направи поткуп на гласовите. ВМРО-ДПМНЕ рече „нека реши народот“, а преку своите тајни организации ги повикаа луѓето на бојкот. Испадна дека најголемите патриоти се најголеми предавници. Тие што повикуваа на бојкот, на крајот испаднаа предавници. Нивна цел беше што повеќе да се загради Македонија од ЕУ и НАТО, затоа што тогаш полесно се краде. Ако влеземе во НАТО и ЕУ, и сегашниов Заев нема да може да поставува сопствени министри, обвинители, судии, како што правел Груевски. Помалите играчи ќе го платат цехот, а дали Груевски ќе лежи во затвор, тоа е прашање.“
Актерот Арсовски е незадоволен што како што вели, се уште судат судии за кои има докази дека работеле за екс-директорот на УБК, Сашо Мијалков. Притоа, тој додаде дека во Македонскиот народен театар не можат да добијат ревизија, да се откријат проневери на финансиски средства, за да се покрене соодветна постапка.
Како што вели тој, задоволен е што сегашната власт направи толкави големи чекори на надворешната политика.
„Разочаран сум што нема ниту еден приведен и уапсен, за толку очигледни криминали. Очекувано е после 12 години, една група на луѓе да мора да направи пресврт со што ќе се обележи нивното владеење. Оваа што го направија, тоа не можевме да го сонуваме. Ни од далеку не очекував дека ќе се потпише ваква Спогодба, која според мене е позитивна. Не можеше подобро решение. Ние имавме среќа од таа страна да се најде разбран човек, но и од нашата страна млади луѓе на чело со Заев. Јас не верувам дека ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа во Парламентот, поради амнестијата за Груевски. “
Кога го запрашавме, какво мислење има за лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, актерот Арсовски ќе каже
„Мислам дека Мицкоски е намерно избран за да биде толку слаб. Тој може да меле со денови, со години а ништо да не каже и ставен е како лахмус – да испита што би можело да се направи во ваква ситуација. Нив ги интересираат четири-пет глави да се спасат, другите ќе се „пуштат низ вода. А тие што ја спасуваа Македонија од иницијативата „За заедничка Македонија“, се плиткоумни поданици кои мислеа дека сега е моментот да грабнат по еден или два стана.“
Долгогодишниот член на МНТ пред две години беше дел и од „Шарената револуција“, движење кое го изрази незадоволството од владеењето на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ. Арсовски додаде дека „бомбите“ на сегашниот премиер Зоран Заев, одиграле голема улога за пад на ВМРО-ДПМНЕ.
„Јас не тврдам дека Шарената револуција го турна Груевски. Тоа беше финиш на еден подолг процес и тој морал да се доведе до стадиум каде народот ќе се разбуди и ќе заслабне диктатурата. Тогаш владејачката гарнитура покажа дека не е сигурна, откако тепаа студенти, ги апсеа по читални и библиотеки. Пукаа по шевови. Бомбите на Заев дојдоа во добар момент, затоа што мора да се почувствува кога власта е ранлива. Ако се пуштеа порано, ќе дојдеше до граѓанска војна.“
Во текот на минатата година, иницијативата „За заедничка Македонија“ долго време протестираше пред Собранието поради незадоволството против декларацијата на абансите партии, потпишана во Тирана. Меѓу нив беа и неговите колеги, актерите Владо Јовановски и Тони Михајловски.
„Со Тони Михајловски комуницирам и ме замоли, затоа што сум му пружил рака и се уште мислам дека е добар актер. Но, тоа што го прави во политиката, не можам никако да го прифатам.“
Добитникот на наградата има желба Македонија да влезе во ЕУ, затоа што според него, со тоа нашата држава ќе има побезбедни граници.
„Би сакал да влеземе во ЕУ,затоа што ќе бидеме побезбедни, границите ќе бидат сигурни, нема да ни се заканува никаква граѓанска војна. Нема да биде можна 2001 година ако сме членка на ЕУ. Заминувањето на младите од земјава по влезот во ЕУ и НАТО, е неминовно. Но, многумина од тие луѓе ќе бидат разочарани.“
Петре Арсовски во изминатиот период влезе во клинч со довчерашниот в.д. директор на Драмски театар, Сашо Тасевски. Како што вели, бил негов поддржувач, но се разочарал од некои неговио одлуки.
„Бев поддржувач на Сашо Тасевски. Ме канеше на разговор, да чуе некој совет од мене.И после тоа дознавам дека тој ги враќа искомпромитирани актери, режисери, да го водат театарот во уметничката страна. Се разочарав од тоа.“
Според Арсовски, ВМРО-ДПМНЕ е зло во државата и докажани непријатели на оваа земја.
„Никогаш не би прифатил функција од ВМРО-ДПМНЕ. Тие за мене се докажани непријатели на оваа држава. Чест на исклучоците. ВМРО-ДПМНЕ се зло за оваа држава, и неопходна е јака опозиција. Но тие се злосторници.“
Арсовски перодов работи на многу проекти, а до крајот на оваа година треба да излезе и претставата „Галеб“ под режија на Нина Николиќ, а актерот ќе учествува и во краток игран филм на Димитар Оровчанец. Исто така се снима и втора сезона на серијата „Сенки над Балканот“.
Јорданчо Цветаноски