Петтемина скијачи се обиделе да ископаат засолниште пред да загинат на швајцарските Алпи

by Fokus

Група скијачи кои исчезнаа на швајцарските Алпи се обиделе да ископаат „снежно засолниште“ за да избегаат од ниските температури, потврди водителот на спасувачите за Скај њуз. Ањан Труфер, шеф на планинската спасувачка служба Ер Зермат, беше на местото на настанот кога во неделата беа пронајдени телата на петте скијачи во областа Тет Бланш.

Потрагата по шестото лице се уште трае. Труфер рече дека поради снежна бура неговиот тим доцнел со пристигнувањето на местото на несреќата во близина на Матерхорн, една од најпознатите планини на Алпите. Неговите француски колеги први ги забележале двете тела.

„Почнавме да ги бараме другите со лавински примопредаватели и веднаш откривме уште две тела“, рече Труфер. Снимката од хеликоптер што ја објави локалната полиција покажува скијачка патека на падините на планината, како и мали купишта снег.

Труфер претпоставува дека тоа се „снежни засолништа“ кои скијачите се обиделе да ги ископаат за заштита.

„Тие се обидоа да направат засолниште за да се заштитат од ветерот“, објасни тој и додаде дека групата скијачи немала соодветна опрема, а доказ за тоа се „малите и лесни“ лопати што ги пронашле.

Шест скијачи, од кои пет се членови на исто семејство, во саботата тргнаа на скијачка тура од алпскиот град Зермат во Швајцарија, со цел да стигнат до Арола.

Поврзани новости