Двајца потешко и тројца полесно се повредени во синоќешната несреќа што се случи пред влезот на Велес, кога патничко возило излета од патот и падна на железничката пруга Градско-Велес, а потоа во него удри воз кој сообраќал на линијата Гевгелија-Скопје. За среќа, патниците биле надвор од автомобилот кога возот удрил во него.
Меѓу потешко повредените е и тримесечно бебе кое има повреди на главата и кое синоќа по укажаната лекарска помош во Општата болница во Велес е пренесено на скопските клиники во придружба на неговата 21-годишна мајка која се здобила со полесни повреди. По прегледот на скопските клиники, мајката и бебето се повторно вратени во Општата болница во Велес каде се уште се на лекување.
Вториот потешко повреден е возачот кој има фрактура на лумбална кичма и кој поради сериозноста на повредите е пренесен на клиниките во Скопје.
Несреќата се случи синоќа во 19:05 часот на железничката пруга Градско – Велес на околу два километра пред влезот на Велес кога возилото „рено“ излета од патот и падна на пругата.