Петмина наши граѓани, меѓу кои две деца, чекаат да бидат евакуирани од Појасот Газа

by Fokus

„Македонските власти се обидуваат да евакуираат петмина наши државјани од Газа – брачен пар и татко со две мали деца. На мајката на децата, која е палестински државјанин и е издадена виза“.

Ова денеска пред пратениците на Комисијата за надворешни работи во Собранието го изјави идниот македонски амбасадор во Тел Авив – Шпенд Садики

„Тоа го правиме секојдневно. Беа двајца – еден брачен пар и последна бројка е пет. Татко и две мали деца. Дел од кризниот штаб сега е фокусиран на Газа во обид да се извлечат тие пет луѓе. Она што е невозможно ние да влијаеме е одлуката кога ќе се отвори границата. Таа одлука зависи од Египет и делумно и од Израел. Во комуникација сме секојдневна со нашата вршителка на работи во Каиро, Елма и со Мачеј во Тел Авив и со нашите државјани“ – рече Садики.

Тој одговараше на прашање на пратеничката Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ за тоа што се прави за извлекување на нашите граѓани од Појасот Газа, меѓудругото информираше дека се издадени патни листови за децата кои немале пасош, а мајката на децата е палестински државјанин и за неа е издадена виза.

„Ќе зависи од египетските власти дали ќе дозволат таа да излезе од земјата. И ние ќе инсистираме. Амбасадата во Тел Авив не е акредитирана за палестинските територии. Неколку држави имаат формални релации со нив, но ние немаме и тоа е политичка одлука, но конзуларна заштита за Западниот Брег нудиме од Амсадата во Тел Авив, а за Газа преку Амбасадата во Египет“ – рече Садики.

Тој истакна дека ние имаме мала дијаспора во Израел и дека бројката на наши граѓани таму се движи меѓу 200 и 300.

Поврзани новости