Петмина мажи седум часа силувале девојче во Приштина – протести и во Скопје

by fokus

„Ниедна девојка не „го бара““, „Насилството не е оправдано“, „Солидарност со Приштина“, „За да не ги браните ќерките, едуцирајте ги синовите“, „Не ме пипај“ и „Не значи, значи не“, беа дел од транспарентите кои група граѓани денеска ги истакна на плоштадот Скендербег во Скопје, во знак на протест против насилството врз жените и девојчињата откако пред три дена во парк во Приштина пет лица околу седум часа силувале 11-годишно девојче.

Организаторите на протестот порачаа дека денеска протестираат против насилството што се случува, и порачаа до институциите да преземат мерки со цел спречување на слични дела во иднина. Тие истакнаа дека секој од нас е потенцијална жртва и токму затоа треба преку солидарност, едукација и поддршка сите да се едуцираат и информираат.

Во врска со овој случај, уапсени се пет машки лица, од кои на четворица им е изречена едномесечен притвор, додека, на петтиот се очекува денеска да му биде изречена казна. Меѓу уапсените има и тројца малолетници.

Илјадници луѓе се собраа денеска и во Приштина на протест што го организираше невладината организација Колектив за феминистичка мисла и дејствување.

По маршот низ центарот на Приштина, учесниците на протестот застанаа пред зградата на косовската Влада, каде фрлија црвена боја на влезната врата. Потоа седнаа пред влезот извикувајќи слогани против насилството врз жените.

Црвена боја беше фрлена и на влезната врата на Министерството за правда на Косово и на зградата на Судскиот и обвинителскиот совет на Косово.

Во меѓувреме, како што соопшти министерот за внатрешни работи на Приштина, Џелал Светла, директорот на тамошната полиција, Самедин Мехмети, поднел оставка од функцијата поради случај на силување

Поврзани новости