Петмина договориле спогодба со обвинителството, Јакимовски ќе чека судење за случајот со „Имес“

by fokus

Петмина, од вкупно 11 осомничени меѓу кои и Стевчо Јакимовски, екс градоначалникот на Карпош, сакаат да се спогодат со Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, кое пред два месеци им поднесе обвинение. Токму поради оваа причина утринава во Кривичниот суд беше одложено рочиштето за оцена на обвинителниот акт. Меѓу оние кои сакаат да се спогодат не е екс градоначалникот Јакимовски.

Спогодбите, односно одмерувањето на казните за петмината обвинети, допрва ќе се случи, по што спогодбите ќе бидат доставени до Кривичниот суд.

-По поднесување на Обвинителниот акт поднесен до Основниот кривичен суд – Скопје на 30.10.2019 година, од страна на четири обвинети лица се поднесени изјави за признавање на вина, а на денеска закажаното рочиште за оценка на Обвинителниот акт уште едно лице даде изјава за признавање на вина. Надлежниот јавен обвинител заради спроведување  на постапката за спогодување со обвинетите побара да се одложи рочиштето.

Откако обвинетите ќе се спогодат со јавниот обвинител, Предлог – спогодбите  ќе бидат доставени до судија на претходна постапка кој во рок од три дена од доставувањето треба да закаже рочишта по поднесените Предлог – спогодби. За лицата со кои јавниот обвинител нема да постигне спогодба и за обвинетите што не дадоа изјави за признавање на вина закажано е ново рочиште за оценка на обвинителниот акт за 26.12.2019 година, информираат од Обвинителството.

Јакимовски, кој е првообвинет, е осомничен дека во периодот од 2011 до 2017 година како градоначалник, во повеќе наврати ја злоупотребил службената положба и овластувањето во постапки за јавна набавка и во постапка за легализација на привремени објекти од деловен карактер и приватизација на градежно земјиште во сопственост на државата.

Според обвинението, тој во текот на 2012 година при спроведување постапка за јавна набавка склучил и потпишал договор со правно лице иако знаел дека правното лице нема доставена банкарска гаранција за квалитетно, а со тоа и навремено извршување на договорот. Тој дозволил изведувачот да почне со изведување на активностите од договорот. По еден месец, поради неквалитетно изведување на работите, го раскинал договорот со изведувачот, со што овозможил правното лице да стекне имотна корист на штета на буџетот на Општината во износ од 303.295 денари, односно 5 отсто од вредноста на договорот за јавна набавка.

Во периодот 2012-2013 година во постапка за јавна набавка Јакимовски му причинил штета на буџетот на Општината во износ од 14.609.653 денари. Кога јавната набавка била спроведена и бил склучен договорот, првообвинетиот давал усни инструкции на изведувачот за изведување дополнителни работи, со што вкупната вредност на работите за изведување надминала 100 отсто од вредноста на основниот договор.

Во истиот период, се наведува во обвиението, Јакимовски во име и за сметка на правното лице – Општината, во својство на инвеститор, без одобрение за градење, изградил деловен административен објект на локалната самоуправа, со што сторил кривично дело бесправно градење. За објектот во 2016 година поднел барање за утврдување правен статус на бесправни објекти од локално значење.

Во периодот 2011-2017 година, Јакимовски заедно со раководен државен службеник во Општината ја искористил својата службена положба и овластувањето постапувајќи во предмети оформени по поднесените барања за утврдување правен статус на бесправно изграден објект. Тие, иако знаеле и биле должни да знаат дека објектите за кои се поднесени барањата се објекти што не смеат да бидат предмет на постапка за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти, ги потпишале урбанистичките согласности и дале согласност за вклопување на предметните привремени објекти за деловна намена во урбанистичко-планската документација. Со потпишаните решенија за утврдување правен статус на привремените објекти за деловна намена како да се бесправно изградени објекти овозможиле три правни и едно физичко лице да стекнат право на сопственост на објектите и ексклузивно право на откуп на земјиштето под објектите во сопственост на РС Македонија.

Со тоа им овозможиле на две правни лица со непосредна спогодба да стекнат материјална и имотна корист во вид на градежно земјиште под објект за цена од 438 денари за квадратен метар иако според ценовникот за утврдување пазарна вредност на градежно земјиште и макролокација на зони во град Скопје изнесува 18.000 денари за квадратен метар. Со преземените дејства обвинетите го оштетиле буџетот на РС Македонија во износ од 31.410.000 денари. Во текот на истрагата утврдено е дека едно од двете правни лица, земјиште со површина од 1.533 м2, купено за 671.454 денари, по само дваесеттина дена го отуѓило за 40.528.500 денари.

Освен Јакимовски, обвинети се и вработен во Општината, членови на Комисијата за јавна набавка, одговорното лице во фирмата што ги изведувала градежните работи, лице што вршело надзор на градбата, како и службени лица во Општината.

В.В.

Поврзани новости