За целосно вакцинирани се сметаат лицата со примена трета доза вакцина против КОВИД-19. Во овие две години наназад се покажа дека вакцинацијата е единствениот начин да се намали смртноста, бидејќи тоа што ни се случува со примање на две дози и на трета доза вакцина не значи дека сме отпорни од болеста со појавата на нови варијанти, истакна денеска д-р Марија Димзова од Клиниката за инфективни болести, која е член на Комисијата за заразни болести.
Одговарајќи на новинарски прашање на прес-конференцијата по состанокот на Комисијата, рече дека апелираат граѓаните да се вакцинираат, да се намали сериозноста односно тежината на болеста и да се намали процентот на смртни исходи. – Имаме пациенти кои се хоспитализирани и на 90 години. Значи, некогаш и самите коморбидитети и како и самите години влијаат врз успехот на болеста. Станува збор за пациенти кои како коморбидитети имаа карциноми, пациенти кои примаат хемотерапија итн., додаде д-р Димзова.
Претседателот на Комисијата за заразни болести, Александар Петличковски одговарајќи на новинарски прашања рече дека и во светот заокружен циклус на вакцинација веќе се однесува точно или на три дози или некаде има комбинации прележаност по две дози. Но, посочи тој, поентата е дека трите дози во моментот се тие кои даваат гаранција над 95 проценти за заштита од смрт и повторно тука има еден мал процент можност и човек вакциниран со три дози да заврши лошо, но шансите тоа да се случи се многу мали.
Потенцира дека не знае дали ќе стане задолжителна третата доза, но, посочи, сигурно ќе биде силна препорака, бидејќи постојат многу научни докази дека е излез.
– Нас ни е јасно дека треба да се движиме накај трета доза. Не зборуваме за сезонска вакцинација. Зборуваме за трета доза. Во Англија што често ја земаме за пример над 65 проценти од населението има примено трета доза. Кај нас е околу пет проценти. Значи тука имаме дупка и нашиот фокус е сега таа дупка да ја пополниме. Натаму ќе се насочиме, да стимулираме, да објаснуваме и да поттикнуваме вакцинација со трета доза, рече д-р Петличковски.
Посочи дека анализата која ја правеле на хоспитализирани и починати има за цел да одговори зошто имавме релативно висока стапка на смртност и проблем кој го лоцирале е слабата застапеност на третата доза.