Во многу подобра ситуација сме од пред две години и се движиме кон ендемска форма на оваа болест. Со околу 70 или 80 проценти имунизирано население, се очекува да имаме блага пролет и да подзаборавиме на КОВИД-от. Не можеме да предвидиме како ќе биде следната зима и дали ќе има сезонска вакцинација за корона како за грип, смета д-р Александар Петличковски, претседател на Комисијата за заразни болести.
Во емисијата „Трилинг“ на Телевизија 24 тој рече дека е рано да ја прогласиме пандемијата за завршена и да кажеме дека омикрон ќе биде последната варијанта на вирусот.
-Ќе има и други варијанти, но има повеќе други параметри кои укажуваат дека пандемијата спласнува со интензитетот односно со ризикот што го носи по здравствените системи и по индивидуалците. Но, сѐ уште трае и денес сѐ уште умираат луѓе заразени со омикрон за кој велиме дека има многу поблаг тек. Претпоставките се дека пандемијата постепено ќе добие ендемски вид, што значи дека вирусот ќе продолжи да биде меѓу нас, но ќе се појавува во одредени групи, држави, популации и не се очекува да има вакви сериозни импликации односно толку голем број смртни случаи, рече Петличковски.
Соопшти дека новиот состав на Комисијата што ја предводи си зела задача да ги дефинира начините на кој ќе се сумираат бројките на починати и ќе се презентираат пред јавноста.
-Никој не лажира и не измислува бројки и никој не би зел одговорност да подметнува бројки. Методологијата по која се запишуваат починатите подложи на дискусии и промени како и сѐ околу КОВИД, зашто тој е предизвик со кој се соочуваме во моментов, истакна претседателот на Комисијата.
За да се постигне колективен имунитет што ќе гарантира дека вирусот нема да се шири, Петличковски рече дека зависи од вирулентноста на вирусот и дека кога станува збор за омикрон веќе е малку 70 отсто вакцинирани, туку процентот се приближува на 90.
Петличковски не ја исклучува можноста од укинување на сертификатите како услов за влез во моловите. Смета дека тие го губат значењето бидејќи се заразуваат и вакцинирани.
-Но мора да се направи сериозна проценка кои би биле придобивките, а која би била загубата од евентуално укинување на сертификатите. Тоа ќе се разговара, но точниот момент дали сега, по две недели или по еден месец треба да се дефинира по темелни анализи, рече претседателот на Комисијата.