Петличковски: Нема простор за паника во врска со конго-кримската хеморагична треска

by Fokus

Нема место за паника, апсолутно ниту е потребна, ниту е продуктивна на некој начин.

Ова попладнево го изјави претседателот на Комисијата за заразни болести, Александар Петличковски, во врска со конго-кримската хеморагична треска од која во земјава се регистрирани три случаи.

По состанокот инициран од министерот за здравство Фатмир Меџити, во кој освен членовите од Комисијата за заразни болести учествуваа и претставници од Агенцијата за храна и ветеринарство, претставници од Факултетот за ветерина и од центрите за јавно здравје од Штип и Велес, Петличковски информираше дека се работи за болест за која што како држава важиме за ендемско подрачје, а заклучоците од Комисијата, како што рече, се во насока на превентивни мерки.

– Информирање на населението и на здравствените работници на кој начин се добива болеста, размислување за оваа болест кога ќе има сомнителни случаи и брзо процесирање, односно испраќање на сомнителните случаи до институциите, односно до одделите за инфективна патологија или до Клиниката за инфективни болести – рече Петличковски.

Тестови за оваа болест, како што кажа, во моментот има доволно, а дополнителна количина е нарачана и се очекува да пристигне.

– И терапијата којашто има некаков ефект, е достапна што значи дека колку што може да биде подготвена една држава за ваква ендемска болест, ние сме подготвени, истакна Петличковски.

Посочи дека оваа болест не се пренесува лесно, а пренесувањето е исклучиво по пат на каснување од крлеж кој што е заразен со вирусот.

– Крлежи има особено во летните месеци, а затоплувањето на глобално ниво исто така придонесува за нивна поинтензивна активност. Меѓутоа, не секој крлеж е заразен со некој вирус. Така што, не се забранува на луѓето да одат на отворени површи, но, кога ќе излегуваат треба да имаат предвид и да бидат заштитени – нагласи Петличковски.

Според него, риболовците, ловџиите и сточарите се најмногу изложени на оваа опасност, како и здравствените работници заради контакт со телесните секрети од заразените.

Состојбата на пациентите заразени со вирусот, како што информираше Петличковски, е добра.

– Болничарката е во сосем добра состојба. За неа кризата е помината и се очекува комплетно опоравување. Третиот пациент, рибарот од Велес е во добра состојба во моментов, меѓутоа има уште неколку дена во кои може да се случи промена. Се надевам дека тоа нема да дојде, и повторно доколку дојде до влошување на состојбата терапијата е тука. Така што, се надеваме на добар развој и тука – рече Петличковски.

Поврзани новости