Случајот со 13-месечното бебе од Свети Никола кај кое се дијагностицирани морбили треба да го вклучи нашиот аларм дека морбилите се тука, изјави претседателот на Комисијата за заразни болести, Александар Петличковски, во интервју за Сител. Тој испрати апел до родителите доколку бебето има навршени 12 месеци дека може да ја прими МРП вакцината.
-Треба да се потсетиме дека постои ефикасна вакцинација која не треба да се одлага. Треба да се следат препораките кои се јасни, после 12 месеци може да се пристапи на вакцинација со МРП вакцината. Не треба да се чека дететот да прооди, не треба да се чека да прозборува, бидејќи морбилите се тука и сега. Колку ни е опфатот поблиску до 95 отсто, толку се помали шансите и невакцинираните да се заразуваат – рече Петличковски.
Тој посочи дека за сега нема други случаи на заразени. Тестирани се сите кои биле во чекалните на Очната клиника и Институтот за микробиологија во Клиничкиот центар, каде бебето било пред да ги пројави симптомите, и утврдено е дека меѓу тестираните нема заразени со морбили.
-За нас сепак треба да биде сигнал дека морбили се тука. Ги имавме пред неколку месеци во Србија, таму се заразија 50 случаи. За сега дополнителни случаи нема, ова е единствен потврден случај, но треба да се има предвид дека морбилите се многу заразна болест – порача тој.