Идејата за мал и ефикасен парламент е стара, меѓутоа никогаш не се реализираше поради тоа што предност се даваше на репрезентативноста наместо на ефикасноста, вели за Фокус поранешниот претседател на Собранието Тито Петковски.
-Кога се носеше Уставот, се разгледуваше примерот на Словенија, држава со приближно иста површина и број на жители како Македонија, чиј парламент има 90 пратеници. Но, тогаш преовладаа аргументите на албанскиот политички фактор дека Македонија, како мултиетничка и мултиконфесионална држава, треба да има побројно, а со тоа и порепрезентативно Собрание – вели Петковски.
Тогаш, додава Петковски, и ВМРО-ДПМНЕ се залагало за поголемо Собрание, со аргумент дека треба да и се даде можност и на дијаспората да гласа и да биде претставена.
-Затоа, сметам дека денешниот предлог на ВМРО-ДПМНЕ за намалување на бројот на пратеници од 120 на 90 е дел од една политичка пропаганда и претставува популизам, особено ако се знае дека ние како НСДП од 2006 година го имаме ова барање како дел од програмата, а за тоа се залагаат и бројни други партии, чии ставови во минатото беа игнорирани – посочува Петковски.
Воедно, тој нагласува дека ова прашање било ставано на маса секогаш кога се отворал Уставот, пред се во конфликтната 2001 година, кога Уставот се менуваше согласно Рамковниот договор.
-Меѓутоа, во такви моменти прашањето за големината на парламентот секогаш беше второстепено. Сепак, мислам дека главен проблем за реализација на оваа идеја е ставот на албанските партии, кои се уште сметаат дека поголем парламент ќе им овозможи поголема репрезентативност, иако намалување на бројот на пратеници нема да биде пречка да бидат застапани многу партии во ист или сличен соодност како сега – вели Петковски.
Инаку, Уставот предвидува дека бројот на пратеници во македонското Собрание може да изнесува од 120 до 140, што значи дека, доколку евентуално се постигне политички договор за намалување на нивниот број на 90, треба да се смени и Уставот со двотретинско мнозинство.
В.С.