Нашата Влада ги изневери и разочара Македонците во Бугарија, кои помислија дека конечно дојдоа подобри времиња во кои ќе можат да ги остварат своите човекови права и слободи,за кои со години се борат, пишува поранешниот собраниски спикер и долгогодишен политичар Тито Петковски.
Тој со статус на својот Фејсбук профил го анализира отворањето на македонските и бугарските клубови, непосредно пред отворањето на македонскиот клуб во Благоевград „Никола Вапцаров“.
Петковски ја коментира изјавата на министерот за надворешни работи, Бујар Османи кој денеска кажа дека отворањето на вакви клубови им штети на двете заедници.
-Конечно, сфаќајќи дека “ваквото отварање на македонски и бугарски клубови им штети и на двете заедници”,министерот за надворешни работи Бујар Османи, практично призна дека на таков начи не се води надворешна политика. И тоа не е никаков грев. Но, само два дена пред отварањето на клубот на Македонците во Благоевград да дознае и јавно да соопшти дека клубот ќе биде финансиран од „антиамерикански и антиевропски структури од Канада“ и дека тоа ќе им штети на односите меѓу двете заедници,најблаго речено е неодговорен однос кон македонската јавност, пишува Петковски.
Тој прави споредба со отворањето на бугарските клубови во Македонија, кога повеќе од два месеци македонската јавност, како што пишува, беше постојано бомбардирана со бугарски провокации,и тоа од официјални бугарски кругови во врска со клубовите во Битола и Охрид. Јавноста беше информирана за тоа кој е финансиер на бугарските клубови во Македонија и кој ќе го финансира клубот на Македонците во Благоевград.
-Премиерот јавно соопшти дека ќе појде во Благоевград, дури покани и пратеничка од ВМРО заедно да појдат на отварањето на клубот,секако убеден дека тоа ќе се случи,по примерот на бугарскиот државен врв кој дојде во Битола. Нашиот премиер соопшти дека на денот на отварањето,сепак ќе остане во Скопје,бидејќи имал важни државнички обврски.
Значи, нашата Влада немаше реална проценка за тоа ,во која насока ќе се одвиваат Македонско-Бугарските односи ,по отварањето на клубовите во Битола и Охрид и можното отварање на клубот на Македонците во Благоевград.Какви ќе бидат реакциите на противниците на идејата за отварање клубови,и во Македонија и во Бугарија.
Одговорна влада мора да ја антиципира иднината. Мора да оди во пресрет на сите можни закани по безбедноста на државата, да ги превенира и да ги спречи штетните последици, порачува Петковски.