И на најголемите оптимисти веќе им станува јасно дека по реинкарнацијата на фашизмот од страна на бугарскиот државен врв во Битола, Македонија нема да влезе во ЕУ – ова е реакцијата на лидерот на владејачкиот НСДП Тито Петковски откако во Битола беше отворен бугарски клуб што го носи името на контроверзниот водач на историското ВМРО Ванчо Михајлов.
„Бугарија отворено ја уништува нашата и иднината на нашите деца. Подготвен сум да тврдам дека Бугарија води отворена економска војна со Македонија. Од изминатите 16 години откако добивме кандидатски статус, само од првата бугарска блокада до денес, Македонија изгуби над 250 милиони европски пари, по разни основи, кои можеше да се вградат во нашиот развој“, вели Петковски.
Тој посочува дека земјава мора конечно да сфати дека државата е соочена со многу моќен непријател, згора и членка на ЕУ.
„Како не сфаќаме дека пораката од Битола е јасна и недводмислена, признајте дека сте Бугари, па ќе ви дозволиме да почнете преговори со ЕУ. Тие сакаат да преговараме за тоа дали постојат Македонци и македонски јазик. И воопшто не треба да чекаме да поминат шесте месеци ветени од новиот бугарски премиер. Проблемот може да се реши уште утре, доколку признаеме дека нема Македонци и македонски јазик“, истакнува лидерот на НСДП.