Петковски: Пробиена е безбедноста на Собранието, Џафери е должен да го расчисти случајот

by fokus

Продолжението на седницата на Комисијата за надзор на Агенцијата за национална безбедност на која директорот Виктор Димовски треба да продолжи да реферира за случајот на Олександар Онишченко се уште е во застој.

И премиерот Димитар Ковачевски денеска побара истата да продолжи што побрзо со цел расчистување на случајот.

Но, претседателот на Собранието, Талат Џафери ја суспендираше работата на Комисијата се додека не се открие како почетокот на седницата која беше затворена за јавноста отиде тонски во живо на Јутјуб каналот на Собранието.

Поранешниот претседател на Собранието, Тито Петковски во изјава за „Фокус“ вели дека Џафери е одговорен за функционирањето на целото Собрание, па оттука произлегуваат неговите надлежности.

Претпоставувам, во овој момент претседателот од нему познати причини, смета дека седницата на Комисијата не може да се продолжи, оти не се на располагање сите информации за кои е одговорен претседателот на Собранието, кој е одговорен за функционирањето на целото Собранието. Оттаму произлегуваат неговите надлежности. Тој не претседава само со пленарната седница, тој раководи со целото Собрание и одговара за целото Собрание, вели Петковски.

Јас не знам кој го направил тоа, ама должност на Џафери е да го открие, смета Петковски.

Поранешниот претседател на Собранинето претпоставува дека во случајот со емитувањето на затворената седница во живо, некој упаднал во системот заради компромитација на директорот на Агенцијата.

Тој додава дека доколку претседателот на Комисијата смета дека Џафери со суспендирањето ја опструира работата на Комисијата, тогаш има право да бара одговорност од него.

Овде мнозинството гласало седницата да биде затворена, а некој успеал да ја пробие безбедноста. Јас не знам кој го направил тоа, ама должност на Џафери е да го открие и да преземе мерки за виновниците  да понесат одговорност, вели Петковски.

Но, Љупчо Пренџов кој раководи со оваа Комисија досега не се побуни што Џафери му ја суспендираше работата. Тој вели дека комисија за отчет ќе има, но мора да се почекаат резултатите од истрагата на МВР.

Сакам да ја повикам МВР овој случај да го расчисти побрзо, бидејќи времето ни е важно. Ве уверувам дека комисија ќе има, прашањата ќе се постават. Ова е голем срам за државата. Граѓаните немаат доверба во институциите, а сега НАТО партнерите ќе немаат доверба во нашите служби, вели Пренџов.

Седницата на која Димовски почна да реферира за случајот со Онишченко, токму на негово барање беше затворена за јавност поради, како што рече, класифицираноста на информациите кои ќе ги изнесе.

Откако пратениците сфатија дека истата оди тонски во живо на Јутјуб, истата беше прекината.

К.С.Б.

 

Поврзани новости