Пендаровски ја имаше таа среќа што пред пет години, а и денес, има голема поддршка од страна на албанските гласачи, вели лидерот на НСДП, Тито Петковски, коментирајќи ги претстојните претседателски избори. Според него за противкандидатот, Гордана Силјановска, хендикеп е тоа што има одалеченост кај неа од алабанскиот електорат.
-На домашен терен може Силјановска да биде фаворит, зборувам кај македонскиот електорат. Но не го потценувајте фактот што пред пет години Пендаровски на контото на СДСМ донесе 100.000 гласови – изјави Петковски во дебатната емисија Клик Плус на ТВ21.
Според него првиот потег на Силјановска, да прошета низ Охрид со Мицкоски и Иванов е целосно погрешен. Иванов, додава тој, беше постојано предмет на осуда од јавноста.
-На тој начин Силјановска покажа дека ќе ја следи политиката на Иванов и Мицкоски. Мислам дека не беше добар потег. Како ќе одминува времето ќе станува појасно. Факт е дека на Силјановска ќе и биде голем хендикеп застапувањето на стојалиштето дека ќе го промени Уставот, дека нема да изговара Северна Македонија. Тоа значи професор по уставно право да не го почитува Уставот. Како ќе ја врши функцијата претседател. Она знае дека Устав се менува во парламентот со двотретинско мнозинство. Тоа е невозможна мисија и погрешна карта на која игра – смета Петковски.