Петковски: Македонија да подзастане со уставните измени и да ја разобличи фашизоидната политика на Бугарија

by Fokus

Долгогодишниот претседател на НСДП, Тито Петковски објави статус на социјалните мрежи со наслов „Како натаму со Бугарија?“.

Тој вели дека Македонија мора нешто да менува во стратегијата за односите до оваа европска земја.

„По најновата антимакедонска кампања во Бугарија диктирана од самиот државен врв, станува јасно дека Македонија мора нешто да менува во стратегијата за односите со оваа европска земја.

Станува збор за држава која во континуитет веќе две години е во постојани предвремени парламентарни избори и не е во состојба да состави функционална влада. Што значи, се уште без консолидирана парламентарна демократија.

По коментарите на бриселски `Политико` дека станува збор за `мафијашка држава` во која отворена војна водат главниот обвинител и поранешниот премиер Борисов, станува појасно зошто официјална Софија, кон Македонија се однесува дипломатски неодмерено, дрско, агресивно и потценувачки.

Познато е дека, во услови кога една земја(како сега Бугарија) ќе се соочи со сериозни внатрешни проблеми, причините не ги бара внатре, туку вината ја префрла на `надворешен непријател`.

Бугарија во овој момент е изложена на жесток притисок од ЕУ околу реформите во правосудството, криминалот, корупцијата и `мафијашкото однесување”` на органите на прогонот и извршната власт. Дури и отворено заговара промена на бугарскиот Устав за внесување европски стандарди во овие области. Секако дека тоа е една од причините зошто на Бугарија, покрај другото се уште не и е дозволен пристап во монетарната унија.

Евентуалната промена на бугарскиот Устав, може да биде добра прилика на реципрочна основа да се реши статусот Бугарите во македонскиот Устав и на Македонците во бугарскиот Устав.

До тогаш, Македонија треба малку да подзастане и да ја преиспита својата стратегија на градење односи со Бугарија и со засилена дипломатска активност да ја разобличи фашизоидната политика на бугарското државното водството.

ЕУ добро знае дека Македонија целосно, уште одамна ги исполни Копенхашките критериуми за влез во ЕУ и во никој случај не треба да биде заложник на бугарската хегемонистичка политика, а самата Бугарија, единствената пречка за почеток на пристапните преговори на нашата држава со ЕУ“ се вели во статусот на Петковски.

Поврзани новости