Јас не само што не паметам туку не сум можел ни да замислам една ваква ситуација со Бугарија. И не сум рамнодушен. Роден сум во една друга друга држава во 1945 година, па сега на 78 години се прашувам каде погрешивме и како е можно некој да ми каже дека не постојам? А еве сум, тука сум, на ова место. Политичарите во голем дел им го загорчуваат животот на луѓето.
Ова го истакна некогашниот претседател на Собранието во Македонија, Тито Петковски во гостувањето во Студио 10 на ТВ 24.
Петковски посочува дека во бугарските архиви може да се најде говорот на Георги Димитров за последниот завет на Гоце Делчев кој сакал да почива во главниот град на независна Македонија за којашто се борел и залагал и затоа неговите мошти се пренесени во Скопје во времето на Георги Димитров и Јосип Броз.
-Мислам дека Бугарија и Македонија како држави сме 100 години зад визиите на Гоце Делчев, вели Петковски.