Петков во најкус можен рок планира средба со македонски политичари

by Fokus

Кирил Петков, новоизбраниот бугарски премиер најавi зачувување на досегашната бугарска позиција, во прв план, тој планира воспоставување заеднички работни групи на претставници од Бугарија и од Северна Македонија, со фокус на „она што и двете страни можат да го добијат како добри соседи едни кон други“.

Во неговото прво интервју за Бугарската национална телевизија (БНТ), Петков не беше директно прашан за евентуално тргање на ветото на Бугарија во пристапниот процес на Северна Македонија кон ЕУ.

-Со нашите коалициски партнери јасно дебатиравме и запишавме во коалицискиот договор што треба да се очекува од нас. Ние ја зачувуваме позицијата на Република Бугарија во однос на барањата кон Северна Македонија, но ја надградуваме. И тука ќе биде новината. Надградувањето треба да се случи преку заеднички групи што ќе работат секој месец, најмалку еднаш месечно, и во нив треба да зборуваме за заедничка инфраструктура, заедничка култура, заеднички економски чекори, така што, кога зборуваме за дебата и за решавање на заедничките проблеми – да се фокусираме на добрососедство, на она што и двете страни можат да го добијат како добри соседи едни кон други, вели тој на прашањето што да се очекува во наредниот период.

Тој најави дека ќе воспостави комуникација со Северна Македонија во најкус можен рок.

-Тоа ќе биде мој приоритет зашто не сакаме да губиме време на никаков начин. Многу време изгубивме досега во изминатите години, така што на министерот за надворешни работи ќе му биде главен приоритет организацијата на овие работни групи за новиот тон што ќе биде многу поконструктивен и ќе почива на заедничките нешта што можеме да ги придобиеме, а не само прашањата што се проблематични, но за тие прашања ние ќе ја држиме бугарската позиција, апсолутно, на ист начин. Едноставно, треба да го прошириме опфатот на комуникацијата и опфатот на тоа што значи да сме добри соседи, треба да го редефинираме, додава тој.

 

Поврзани новости