Откако во петокот Народното собрание на Бугарија го одобри документот познат во јавноста како „француски предлог“ за деблокада на европскиот пат на Северна Македонија, а вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојана Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи ги поставија „црвените линии“ на земјава за прифаќање на овој нацрт-документ, бугарскиот премиер во оставка Кирил Петков вчера порача дека „Скопје сега има избор за својата иднина“.
Петков во интервју за Бугарското национално радио (БНР) изјави дека откако Бугарија го одобри предлогот сега останува на властите на земјава да решат за својата иднина.
– Скопје сега има избор за својата иднина, Бугарија не може да носи одговорност за сите, изјави Петков, додавајќи дека со прифаќањето на „францускиот предлог“, Софија успеала да ги заштити своите национални интереси.
Тој нагласи дека ако земјава се согласи со предлогот на Париз, ќе треба да ги вклучи Бугарите во Уставот пред да го почне преговарачкиот процес со ЕУ. – Имаме јасни контролни механизми за говорот на омраза и дискриминацијата. Имаме многу јасни дефиниции за историските факти и образованието во училиштата во Северна Македонија, тврди Петков.
Вицепремиерот Маричиќ и шефот на дипломатијата Османи во петокот порачаа дека Северна Македонија ќе го прифати предлогот на француското претседателство за старт на преговорите со ЕУ доколку во преговарачката рамка не биде проблематизирано прашањето за македонскиот јазик и не бидат вклучени историските прашања и доколку почетокот на преговарачкиот процес не биде врзуван со внесување на Бугарите во Уставот.
Она што во јавноста излезе како „француски предлог“, всушност е работната верзија на преговарачката рамка и други заклучоци што се доставени до земји членки во кои има „загради и прашања“, бидејќи во тие делови станува збор за прашања за коишто Северна Македонија и Бугарија не успеале да изградат усогласен став.