Во очекување на формирањето на новиот владин кабинет и на интензивирање на комуникацијата со Бугарија со цел деблокирање на европскиот пат на земјава, Париз упати порака дека Скопје и Тирана не треба да се одвојуваат на нивниот пат кон интеграцијата во ЕУ, додека од Софија, каде не стивнуваат реакциите по „предлогот“ на лидерот на партијата Има таков народ (ИТН), Слави Трифонов за врзување на стартот на преговорите на Северна Македонија со Унијата со укинување на визите за влез на бугарските граѓани во САД и прием на Бугарија во Шенген зоната, стигна информација дека советничката за надворешна политика на бугарскиот премиер Кирил Петков, Весела Чернева на 2 јануари го посетила Скопје.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, повикувајќи се на извори во Владата на Бугарија, Чернева била во Скопје по наредба на бугарскиот премиер Петков, со цел да се подготви неговата претстојна посета на Скопје во текот на овој месец.