Петков: Рамо до рамо со Асен Василев ја започнавме промената така и ќе ја завршиме

by Fokus

Премиерот во оставка Кирил Петков предмалку објави дека Асен Василев е новиот кандидат за премиер од Продолжуваме со промените.

Асен Василев во владата на Петков беше министер за финансии и вицепремиер.

„Тој е човек во кој имам апсолутна доверба, со кого ја започнавме борбата рамо до рамо и со кого ќе ја завршиме рамо до рамо во еден тим. Еден тим со него, со сите членови на ПП, со сите коалициски партнери, со сите истомисленици. Време е да ги засукаме ракавите и да си ја завршиме работата“, изјави Петков на прес конференција во Софија.

Петков се осврна и на дипломатскиот скандал со Русија.

-Нема да дозволам Бугарија да оди во погрешна насока и странски дипломати да даваат насока со рокови до 12 часот, додаде премиерот во оставка.

Денеска попладне во 17 часот по локално време претседателот на Бугарија ќе му го врачи мандатот на новиот кандидат од ПП за состав на новата бугарска влада во рамки на сегашниот парламентарен состав.

Партијата ќе има рок од седум дена да предложи кабинет. Доколку не биде одобрен, мандатот ќе оди кај ГЕРБ-СДС, кои веќе најавија дека ќе го вратат. После тоа, шефот на државата ќе треба да избере трета формација за да им даде шанса за формирање влада.

Инаку, од Има таков народ реагираат дека за нив, за да влезат во владата не се прифатливи како мандатари ниту Петков ниту Василев.

Поврзани новости