Некои од барањата поврзани со францускиот предлог се многу тешки за прифаќање за Република Северна Македонија, но, она што стана јасно е дека тоа веќе не се само барања на Софија, туку барања на Европа, изјави бугарскиот премиер Кирил Петков по редовниот состанок на Европскиот совет и на состанокот ЕУ-Западен Балкан во Брисел.
-Односно, ние можевме да ги објасниме причините зошто овие работи што ги сакаме мора да се случат – рече Петков.
Тој призна дека имало многу тешки разговори и очекувања дека Бугарија ќе го тргне ветото, но додаде дека одлуката за укинување на ветото на Северна Македонија треба да ја донесе бугарскиот парламент.
-Додека нема одлука на бугарскиот парламент, јас сам, ниту владата нема да го смениме бугарскиот став. Бугарскиот парламент сега мора да расправа и да одлучи за тезата. Тешка задача ќе биде за Република Северна Македонија, која ќе мора да ги прифати нашите барања за да продолжи напред – порача Петков.