Бугарскиот премиер Кирил Петков најави посета на Македонија со нов пристап во односите, но со старите позиции. Скопје очекува конструктивни разговори и брзо деблокирање на евроинтегративниот процес.
Петков потврди дека на 18 јануари ќе ја посети Република Македонија, во одговор на прашање на поранешната министерка за надворешни работи Екатерина Захариева на седница за пратенички прашања во Народното собрание.
Тој додаде дека ставот на Бугарија за преговарачкиот процес со Република Македонија е зачуван токму онака како што е договорено во коалицискиот договор меѓу партиите во владејачката коалиција. Ставот е ист, вели тој, но Владата во Софија го надградува со пет посебни различни комисии за надградба на овие односи.
-Со одењето на разговори на 18 јануари покажуваме дека добрососедството е фундаментален принцип на нашите односи со Република Македонија. Се надевам дека нашата Влада ќе ја покаже разликата меѓу добрите планови и постигнатите резултати, рече во заклучокот бугарскиот премиер Кирил Петков во Народното собрание.
Петков се очекува да биде првиот странски лидер со кој ќе има средба мандатарот за состав на новата Влада и иден премиер Димитар Ковачевски, која се очекува да биде избрана во Собранието најдоцна до 17 јануари.