Премиерот Димитар Ковачевски денеска истакна дека вчера му се јавил бугарскиот премиер Кирил Петков и му побарал информации за два инциденти кои деновиве се случија во Скопје и Битола. Поточно, станува збор за инцидентот на гробот на Гоце Делчев каде беа искинати ленти на венците оставени од бугарските делегации како и за искршените стакла во клубот на Бугарите „Ванчо Михајлов“ во Битола.
-За искинатите венци на гробот на Гоце Делчев го информирав Петков дека МВР врши истражни работи, а за искршеното стакло во клубот во Битола му реков дека не е политички инцидент, туку инцидент мотивиран од приватни причини, рече Ковачевски по посетата на компанијата „Текстил Солушн”.
Ковачевски додаде дека Министерството за надворешни работи ги продолжува преговорите.
-Претставници од МНР на 10 и 11 февруари ќе имаат разговори со бугарското МНР за отворените прашања и сите преговори се врз основа на почитување на европските вредности. Министерот за надворшени работи ќе соопшти за што се разговарало на тие средби, рече Ковачевски.