Бугарскиот премиер Кирил Петков денеска на заедничката прес-конференција во Софија со премиерите на Северна Македонија, Црна Гора и Романија, Димитар Ковачевски, Здравко Кривокапиќ и Николае Чука, рече дека Историската комисија го известила дека е постигнат напредок за важни историски личности во разговорите со Скопје за надминување на разликите.
– Комисијата за историја ме извести за некои важни историски личности и нивниот третман. Ќе ви дадам некои детали. Дојдовме до напредок по тие прашања, на многу конструктивен и реалистичен начин којшто ни отвора можност за забрзување на нашите преговори. Секако ќе ми треба прво да добијам јас и моите коалициони партнери целосен извештај од Комисијата, но штом добиеме извештај тоа ќе оди многу брзо, рече Петков.