Не треба да се урне целиот процес на добрососедството со Северна Македонија и тие да бидат примени во ЕУ само врз база на еден критериум – историјата, изјави копретседателот на коалицијата „Промената продолжува“ Кирил Петков, што победи на парламентарните избори во Бугарија во неделата, коментирајќи ги бугарско-македонските односи.
Петков повтори дека за решавање на прашањето потребно е да се направат правилни работни групи во кои, освен историчари, ќе влезат луѓе од бизнисот, културата, инфраструктурата.
Тој истакна дека може многу да се добие. – Ако не се излезе со тимовите кои ги знаат и предностите и проблематичните точки, нема како да се дојде до крајното решение, рече Петков, изразувајќи уверување дека нема да има проблем со коалициските партнери по прашањето со Северна Македонија.
Според него, најлоша варијанта би било темата Македонија да се користи за политички пароли и цели. – Ништо во овој живот не се прави со пароли, туку со работа, а за тоа е потребен тим, вели тој.
Во однос на тврдењата во медиумите дека Бугарија е изложена на огромен притисок од страна на САД по тоа прашање, Петков вели дека не постои човек на планетата кој ќе крене телефон и да каже направете го тоа, што ви го кажав.
– Единствениот начин некој да не натера нешто да направиме е да не убеди дека тоа е најправилно за Бугарија. На ниту еден друг начин тие не можат да влијаат, оценува Петков.