Бугарскиот премиер Кирил Петков денеска ќе престојува во посета на Македонија.
Посетата, како што соопшти службата за информирање на бугарската влада, е по повод 30-годишнината од признавањето од Бугарија на независноста на Република Северна Македонија.
Во Скопје, Петков ќе биде придружуван од министрите за надворешни работи и за транспорт Теодора Генчовска и Николај Шабев.
Во соопштението се наведува дека посетата ќе означи нов почеток во развојот на билатералните односи и ќе ги означи следните чекори што ќе ги преземат двете влади за решавање на отворените прашања меѓу двата соседа.
Петков во интервју за новинската агенција МИА во пресрет на денешната посета на Скопје изјави дека доаѓа веднаш по изборот на новата Влада на Димитар Ковачевски со цел да се воспостави постојана комункација и да се постигне напредок.
Според него, тежината на некои проблеми зависи од контекстот во кои се поставени и ако се постигне успех во точно дефинирање какви се тие проблеми и од каде доаѓаат, тогаш и нивните решенија стануваат полесни.
Пред посетата, премиерот Ковачевски изјави дека со Петков нема да потпишуваат договори, туку ќе работат на враќање на довербата.
Освен со Ковачевски, Петков треба да се сретне и со претседателот Стево Пендаровски, со спикерот Талат Џафери и со опозицискиот лидер Христијан Мицкоски.