Претседателот на Управниот одбор на Еуростандард банка, Николче Петкоски денеска преку соопштение до медиумите го демантираше Трифун Костовски и ги отфрли обвинувањата дека тој е виновен за пропаѓање на банката.
Во демантот се вели:
„Со индигнација ги осудувам и демантирам наводите изнесени на прес конференцијата одржана на 14.08.2020 од страна на г-дин Трифун Костовски и г-дин Коста Костовски, кадешто неосновано бев обвинет како лице одговорно за губење на дозволата на банката. По овој повод, сакам да ја информирам јавноста за вистинската слика и состојба.
Јас од 01.10.2019 година немам никаков контакт со банката во поглед на нејзините операции. Иако до 29.11.2019 година бев и формално Претседател на Управниот одбор на банката, мене ми беше оневозможено да имам било каков увид во работењето на банката, како што напоменав, почнувајќи од 01.10.2019 година. Уште повеќе, од 14.03.2020 година не сум ни вработен во банката.
Во банката сум од декември 2009 година, а од февруари 2010 година до моето заминување десет години ја извршував функцијата на Претседател на Управен одбор на банката. Управниот одбор на банката, се состои од два члена и се грижи за оперативното работење на банката. Над Управниот одбор е Надзорниот одбор кој ги именува и разрешува членовите на Управниот одбор и кој има контролна улога. Управниот одбор секој месец поднесуваше извештај до Надзорниот одбор за работењето на банката. Кредитите се одобруваат од страна на Кредитен одбор, а одредени кредити, над одреден процент од капиталот на банката, се предмет на одобрување од страна на Надзорниот одбор. Претседател на кредитниот одбор беше Коста Костовски, со позиција Асистент на Управниот одбор. Претседател на Надзорен одбор беше Трифун Костовски. Оваа ситуација ја затекнав во банката со моето доаѓање и беше непроменета се до моето заминување.
Покрај ова, во банката постојат и други служби како што се Центарот за управување со ризици и Центарот за внатрешна ревизија кои го контролираат кредитното портфолио и истите директно на месечна основа реферирале пред Надзорниот одбор.
Така што во поглед на кредитните пласмани секогаш биле информирани за реалната состојба во банката низ извештаите кои биле презентирани пред Надзорниот одбор, вклучувајќи го и г-дин Трифун Костовски, додека г-динот Коста Костовски во рамки на секојдневното работење бил во тек со случувањата!!! Во однос на обвинувањата за лошо раководење, штети и слично предизвикани од претходното раководство забораваат дека тие биле дел од раководството на клучни функции на банката, биле целосно инволвирани во дневните операции на банката и целосно биле запознаени со состојбите и случувањата во банката и ниедна поголема и побитна одлука во работењето на банката не беше донесена без знаење на некој од нив. Затоа обвинувањата за давање кредити на ново регистрирани фирми, одлевање на средства без трага, за плаќање на фиктивни фактури и сл., се во најмала рака смешни. Постои Централен регистер, кредитен регистер, досиеја во банката. Па може лесно да се провери која компанија кога е формирана, од кого, колку долго работи, кога и колку кредитно се задолжила.
Наместо обвинувања, акционерите треба сериозно да се преиспитаат колкава е нивната вина за пропаѓањето на банката. Не заради тоа што претходниот менаџмент погрешно го одбрале. Напротив. Како акционери биле должни и морале да знаат што значи да се биде доминантен акционер и сопственик на банка и како треба да ги следат насоките од надлежните институции, во случајов НБРСМ.
Со оглед на сé наведено, барам ЈАВНО ИЗВИНУВАЊЕ за изречените невистини, дезинформации и неосновани обвинувања со коишто се прави обид за моја дискредитација и како личност и како професионалец со повеќе од 25 годишно искуство во банкарството. Во спротивно, ќе бидам приморан да си го заштитам личниот углед и да барам заштита на своите права пред надлежни институции.“