Македонските граѓани од вчера имаат можност да се приклучат на петицијата „Улица Украинска“, чијашто цел е да се поттикнат скопските градски власти да ја преименуваат улицата „Пиринска“, на која се наоѓа Амбасадата на Руската Федерација во Скопје, во „Улица Украинска“, соопшти Украинската амбасада.
-Ова би бил симболичен чин на поддршка за украинскиот народ, кој ја брани својата независност во војната што ја започна Русија, велат од Амбасадата на Украина.
Веб-страницата на кампањата, https://www.uastreet.world/, содржи линкови до петиции за преименување на улиците со руските амбасади и конзулати во 57 градови во 38 земји во светот, меѓу кои е и Македонија.
Кампањата „Улица Украинска“ е создадена од консултантската група One Philosophy во рамки на платформата We Are Ukraine.
Во Албанија неодамна беше преименуван делот од улицата на која се наоѓа Руската амбасада во улица „Слободна Украина“. Литванија ја преименува соодветната улица во улица „Украински херои“, Латвија ја смени улицата во улица „Независна Украина“, а Норвешка го смени името на плоштадот пред Руската амбасада во „Украински Плоштад“.