Петарда-кампања

by Fokus

Евидентен е слабиот разорен ефект на „бомбите“, кои слободно може да ги наречеме петарди. Покрај тоа што не откриваат криминал и служат за забава, нивното претерано користење доведе до тоа народот веќе да отрпне. А и на криминал сме доста отрпнати, па петарда дилерите може да одморат во наредниот период.

Јанаки МИТРОВСКИ

Можеме да здивнеме, кампањата за парламентарните избори заврши. Постерилна, поздодевна и безидејна кампања, дури и во државичка како нашата, во Македонија не се памети. Очекувано, кампањата, покрај стандардните меѓусебни обвинувања за криминал, помина и во „рокање“ бомби, те од едната, те од другата страна, нормално, не на отворен начин преку партиски соопштенија или веб-страници, туку преку старопознатиот удбашки метод – лажни профили на Јутјуб.

Слободно може да се констатира дека дел од т.н. бомби беа очигледно сечени, лепени и монтирани, што би рекол бегалецот во Пешта, но дел и беа целосни разговори. Овие целосните беа претежно снимени од двојниот агент 007, Зоран Милески Кичеец, кој флертува со секоја политичка гарнитура што му е потребна во остварување на личните амбиции.

Иако инволвиран во сите понови матни зделки, Кичевскиот го наоѓа патот до врвот на ДПМНЕ. Моите извори од таму говорат дека Кичевскиот успеал да снима, користејќи шпионска направа монтирана во својот рачен часовник. Зошто во ДПМНЕ имале верба во таков дубиозен лик е прашање за ДПМНЕ и претседателот Мицкоски. Другите пласирани бомби беа закачени на Јутјуб, каде што се слуша гласот на претседателот на СДСМ Зоран Заев, кој разговара со извесен XX. Самиот Заев ја информираше јавноста дека XX всушност е Александар Верушевски, син на познатиот разузнавач Зоран Верушевски.

Тие снимки, или исечоци од целосна снимка, која трае два часа и седумнаесет минути, се пласирани селективно, со јасна намера да се потенцираат делови од снимката. Но, Верушевски јуниор не става никому зборови во уста, па на снимката слушнавме шуто и рогато, ебавање маме, пуштање низ вода, Црвенковски во аут и слични пикантерии, кои чинат штета на СДСМ, но не во таа мера како што можеби се надеваа нивните политички противници.

И сосема за крај, на ден пред молкот се појавија неколку кратки бомби, кои наводно го товарат екс премиерот Заев за учество во земањето мито од шест милиони евра рекет во случајот „Рекет“. Неизбежен е и колегата Димишков, кој смета дека шест милиони евра не се ненормална сума пари. Алал вера, штом е така!

Во однос на легалитетот, овие или кои било снимки што не индицираат или докажуваат злоупотреба на јавни пари, се предмет на кривично дело „неовластено снимање“. Тие, пак, што индицираат злоупотреба на јавни средства може да се користат како докази во кривична постапка, без разлика што вели новиот Закон за јавно обвинителство, бидејќи и сега и порано, кога СЈО ги користеше, се користеа врз основа на праксата од Стразбур, која е мандатна и со супремација над Законот за јавно обвинителство. Точка.

Но, она што е евидентно е слабиот разорен ефект на овие бомби, или слободно може да ги наречеме петарди. Покрај тоа што не откриваат криминал и служат за забава, нивното претерано користење доведе до тоа народот веќе да отрпне. А и на криминал сме доста отрпнати, па петарда-дилерите може да одморат во наредниот период.

Поврзани новости