Петар Стојанов и потомците на дејци од Македонија со апел да не се сквернави споменот на Гоце Делчев

by fokus

Апел до граѓаните и политичарите на Северна Македонија и Бугарија да не се дозволи ескалација на тензиите при одбележувањето на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, упатија поранешниот бугарски претседателот Петар Стојанов и потомци на познати личности по потекло од Македонија.

Како што соопшти Канцеларијата на Стојанов, кој беше претседател на Бугарија од 1997 до 2002 година, во апелот се посочува дека провоцирањето на судири меѓу граѓаните на двете земји би претставувало „неприфатливо сквернавење на споменот на Гоце Делчев“

– Тоа ќе фрли лоша сенка не само на односите меѓу нашите најблиски земји, туку и врз оние кои загинаа за слободата на Македонија од османлиската власт.​​ Не треба да дозволиме одделни групи луѓе во која било од двете земји, свесно или несвесно, да ги уништат делата на нашите предци, се наведува во апелот.

Во текстот воедно се повикуваат политичарите во Софија и Скопје со сите сили да соработуваат во спречување на јазикот на омразата, кој е штетен за двете општества и за иднината на двете земји.

Меѓу потомците на дејците по потекло од Македонија кои се приклучуваат кон апелот се и правнукот на Гоце Делчев и раководител на Фондацијата за соработка и културен натпревар „Гоце Делчев“, Христо Христов, правнуката на преродбеникот Кузман Шапкарев, Елисавета Шапкарева, внуката на Тодор Александров, Евелина Александрова и внуката на полковникот Борис Дрангов, Рајна Дрангова.

Поврзани новости