Триесет годишниот дипломиран правник Петар Поцков станал член на Управниот одбор на Државна лотарија минатата 2018 година, откако претходно 5 години работел во спортска обложувалница, покажува неговата биографија што ни ја доставија од Акционерското друштво за приредување игри на среќа, кое е во државна сопственост.
„Организацијата е мојата најдобра страна. Организирање на настани, планирање на буџетот и извршување на обврските во точно време. Непосредност и комуникативност“, навел Поцков во биографијата, во делот за организациски способности и вештини.
Неговата биографија открива дека тој дипломирал на Правниот факултет при скопскиот универзитет „Свети Кирил и Методиј“, по што работел во спортската обложувалница „Спорт лајф“ во периодот од 2013 до неговиот избор во УО на лотарија во 2018 година на 3 позиции – оператор (2013-2015), сениор-оператор (2015) и маркетинг (2015-2018).
Како што објави Фокус пред неколку денови, Поцков е внук на гевгелискиот градоначалник од редовите на СДСМ Сашо Поцков и воедно зет на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, кој влегол во УО на Државна лотарија со одлука на Надзорниот одбор на друштвото, чиј состав, пак, го избира владата.
Инаку, тој е еден од петмината членови на УО, покрај претседателката Катица Николовска – Прнаркова, Ѓорѓи Дамјановски, Благоја Лазаревски и Христа Најденов, додека во НО членуваат Бојан Јанев, Фатмир Рамаданоски, Бејназ Арифи, Александар Димитријоски и Моника Зајкова.
Од Државна лотарија посочуваат дека условите и критериумите за избор на членови на ова тело ги пропишува член 374-а од Законот за трговски друштва, кој впрочем предвидува високо образование и најмалку тригодишно работно искуство, но не се прецизира конкретно каков вид на образование и работно искуство е потребно.
„Член на Управен одбор на акционерско друштво во доминантна или целосна државна сопственост може да биде избрано лице кое е државјанин на Република Македонија, да има стекнати најмалку 240 кредити според ЕКТС или завршен VII/7 степен образование, со правосилна судска пресуда да не му е изречена казна или прекршочна санкција – забрана за вршење функција, дејност или должност и да има најмалку три години работно искуство“, велат од Лотарија упатувајќи на ЗТД.
Во студијата изработена од Институтот за демократија насловена како „Кој тоа таму управува“, која содржи податоци за вкупно 1.206 членови на управувачки структури, меѓу другото, се наведува дека токму критериумите за избор на членови во овие структури не се доволно прецизирани и дека недостасува фер и транспарента постапка според заслуги.
„Бројноста и надоместоците на членовите на управувачките структури заедно со непрецизираните критериуми во законската регулатива ги прави овие институции ризични точки за партизација и клиенетелизам што влијае врз квалитетот на нивното управување“, пишува во студијата.
В.С.