Синоќа овде температурата се спушти три степени под нулата, вечерва исто така е многу ладно, а Петар е облечен со маица и тенок џемпер, мора да се најде што побргу – за ,,Фокус” раскажува Марија од Прилеп, сосетка на 10-годишниот Петар, кој вчера се изгубил во атарот на село Врбовско, Мариовско.
Таа вели дека на локацијата на која се трага моментално нема мрежа и со часови не може да стапи во контакт со својот сопруг, кој заедно со таткото на Петар, но и со повеќе доброволци го бараат момчето.
-Нам вчера ни се јави таткото на Петар, тој едвај фатил мрежа да се јави во полиција, кога не извести што се случило веднаш објавивме апели на социјалните мрежи. Го бараа со хеликоптер, се вклучија доброволци, полиција, војска. Апелираме доколку некој има дрон, би било од голема помош да се вклучи во потрагата. Исто така, колку повеќе доброволци, толку подобро – вели таа, додавајќи дека сите се премногу загрижени.
Инаку, Петар бил момче со посебни потреби. Во времето кога се оддалечил, бил заедно со таткото, кој таму чувал пчели. Сите кои имаат било каква информација, да ја контактираат полицијата, апелираат блиските на семејството.
Вики Клинчарова